Текилата би можела да биде добра за здравјето

Едно истражување спроведено од научниците во Мексико, покажало дека билката агава, која служи за правење на текила содржи супстанции кои ја подобруваат апсорпцијата на калциумот и магнезиумот – два минерали кои се основа за здрави коски.

Научниците од Центарот за истражување и напредни студии во Мексико, за потребите на истражувањето прво индуцирале остеопороза кај глувци, а потоа им давале шеќери кои ги соржи сината агава.

После осум месеци биле земени примероци од бедрената коска од глувците за да се одреди асорпцијата на минералите и присуството на остеокалцин – протеин неопходен за создавање на нова коска.

Резултатите покажале дека овие глувци синтетизирале речиси 50 проценти повеќе остеокалцин, додека дијаметарот на нивните коски бил многу поголем во споредба со глувците кои не добивале од овие шеќери.

Водачот на проектот, Д-р. Мерцедес Лопез истакнува дека овие ефекти се последица на интеракцијата на шеќерите од агавата и бактериите во цревата. Тоа овозможило молекулите од шеќерите да се врзат со хранливите материи и да помогнат во нивниот транспорт до коскените клетки.

„Конзумацијата на шеќерите што ги содржи агавата во соработка со соодветните микроорганизми во цревата го промовира создавањето на нова коска, дури и кога веќе има присуство на остеопороза“– вели др. Лопез.

Овие резултати отвораат можност за развој на нови алтернативни методи за третман на остеопорозата, болест од која страдаат околу 200 милиони луѓе ширум светот – што значи дека една од секои пет фрактури кај популацијата над 50-годишна возраст е поврзана со оваа болест.

 

Поддржете ја нашата работа: