Темната страна на перфекционизмот

Претходно, Бурнс ја изнел својата дефиниција за перфекционизмот, опишувајќи го како неадаптивна и непосакувана особина. Според Бурнс, перфекционистите компулсивно и непрекинато се борат за невозможни идеи и ја мерат сопствената вредност во однос на продуктивноста и постигнувањето. За перфекционизмот се зборува во негативен контекст и кога истиот се поврзува со психички дисфункциии. Хамачек сметал дека перфекционизмот може да биде нормален и невротски.

Нормален перфекционизам е поставување на реални цели кои доведуваат до чувства на задоволство и зацврстување на самодовербата.                                        

Невротски перфекционизам е поставување на нереално високи цели и лични стандарди, мотивирани од страв од неуспех и загриженост да не ги разочараме другите. Таквите лица тешко доживуваат задоволство од извршените задачи, бидејќи според нивното гледиште, задачата можела да се изврши многу побрзо и посовршено.

Нормалниот перфекционизам генерално се дефинира во контекст на постигнувањата. Во таа смисла тој означува тенденција лицата да бараат од себе совршенство и максимален можен ефект во одредена област.

Карактеристики на здравиот перфекционизам се тенденциите кон успех и толеранција на грешки, а не опсесија. Особата е свесна, одговорна и добро организирана, а сето тоа е пропратено со задоволство од работата.

Од друга страна, основни манифестации на нефункционалниот или невротски перфекционизам се нереални тенденции за постигнување, претерана опседнатост со грешки, често незадоволство со постигнатото, сомневање во себе и несигурност во акциите, како и склоност кон психосоматски пореметувања.

Друго прашање кое ги разединува теоретичарите се димензиите на перфекционизмот. На крајот, општо прифатено е дека  постојат 3 димензии, односно типови на перфекционизам:

1. Перфекционизам насочен кон себе, каде лицето си поставува високи стандарди и цели, постои сомневање во сопствените активности, како и насоченост на минатите грешки и неуспех. Клучен е стремежот кон совршенство, па затоа оваа димензија најмногу се однесува на постигнувањата.

2. Перфекционизам насочен/очекуван од другите се однесува на нереални верувања за способностите на другите, високи очекувања од нив и строго оценување на нивните перформанси.

3. Перфекционизам наметнат од општеството е последица од страв од неуспех, поврзан со негативна процена и социјална анкциозност. Тој во себе ги вклучува верувањата дека другите многу очекуваат од нас, страв од негативни социјални процени и силна потреба за одобрување од другите.

Врз основа на трите димензии, Јоаким Стобер на Универзитетот во Кент, Велика Британија, ги споредувал карактеристиките на перфекционистите насочени кон другите и перфекционистите насочени кон себе. Истражувањето е објавено во овомесечното издание на „Psychopathology and Behavioral Assessment“

Сите три типа на перфекционизам имаат различни верувања, ставови, мотивации и однесувања.

Претходното истражување направено од страна на Стобер покажа дека перфекционистите имаат особини на личноста наречени „темна тријада“- нарцисоидност, Mакијавелизам и психопатија. Исто така, тие имаат проблеми со интимноста, негувањето и нивниот социјален развој.

Тој  го носи истражувањето чекор понатаму и ги анализира социјалните однесувања и хуморот кај перфекционистите. За таа цел анкетирал 229 студенти.

Наоди

Резултатите покажуваат дека од сите три типа, само перфекционистите насочени кон себе имаат просоцијални елементи. Иако се фокусирани на самите себе, тие покажуваат интерес за другите, се грижат за социјалните норми и за очекувањата на другите. Тие преферираат aфилијативен хумор кој ги подобрува односите и избегнуваат агресивни шеги.

„Општествените“ перфекционисти, од друга страна, употребуваат самоуназадувачки шеги, имаат ниско самопочитување, ниска самодоверба и често се чувствуваат инфериорни. Тие може да бидат доста асоцијални и интелектуални и не реагираат добро на позитивен фидбек.

Перфекционистите насочени кон другите пак, имаат доста агресивна смисла за хумор, најчесто на сметка на другите. Ова е само еден од многуте карактеристики со кои го изразуваат непочитувањето кон останатите и нормите. Тие имаат чувство на супериорност и не се вклопуваат во поголем социјален круг, што ги прави доста асоцијални.

Овој вид на перфекционизам е позитивно поврзан со нарцисоидност, асоцијалност и безобзирност, сумира Стобер во своите резултати.

Поддржете ја нашата работа: