Теорија на благодарноста

Искажувањето благодарност, едноставно со зборот „ благодарам ”, се чини дека најчесто се прави само заради задоволување на етаблираните социјални норми.

Меѓутоа, изразувањето на благодарност е многу повеќе од тоа. Тоа е и став и филозофија на живеењето. Неколку досегашни студии на оваа тема укажуваат на извонредните позитивни ефекти што заблагодарувањето може да ги има врз начинот на живеењето.

Меѓу другото, истражувањата покажале и дека луѓето што почесто искажуваат благодарност се повеќе фокусирани на убавите работи од животот, што го подига нивото на нивната позитивна енергија, тие се пооптимистични и се чувствуваат помалку осамени.

Едно обично „благодарам“ може да претставува одличен изговор да воспоставите контакт со некого, било да е тоа некој што првпат го гледате или пак да ја обновите врската со некој стар пријател.

Научниците ова го нарекуваат теорија на благодарност – „Find-remind-bind”. Со други зборови, заблагодарувањето може да помогне да остварите нов контакт (find), да ги обновите старите пријателства (remind), и да остварите поактивна врска во меѓусебните односи (bind).

Иако логиката на оваа премиса е поддржана од досегашните истражувања, сепак досега не беше направено емпириско тестирање.

Лиса Вилијамс од Универзитетот во Нов Јужен Велс, за таа цел, направила едно истражување во кое биле опфатени 70 студенти. Тие биле доведени до уверување дека се ментори на средношколци и било побарано од нив да дадат оценка на есеј за прием на Универзитет, наводно напишан од учениците.

Како одговор, сите студенти- ментори добиле рачно напишана порака од учениците. Во половина од пораките била вметната и реченица со изрази на благодарност како „Ви благодарам многу за вложениот напор и време, за да го направите ова за мене”.

Оние студенти кои добиле порака со благодарност биле порасположени да дадат податоци за контакт, како телефонски број или е-маил адреса, за разлика од оние кои не добиле таква порака. Исто така, учениците кои се заблагодариле, од своите ментори биле оценети како „потопли личности”, а тоа е вероjатно и причината за полесното прифаќање на оние кои се заблагодаруваат.

Ова укажува на тоа дека едно обично „благодарам“ и не е така бесцелно како што многумина мислат, и можеби само неколку додатни зборови на благодарност можат да направат голема разлика во обичната „pro forma” коресподенција.

Ви благодариме што издвоивте време да го прочитате ова!

Поддржете ја нашата работа: