„Планк“ е мисија на Европската вселенска агенција, со значаен придонес на НАСА. „BICEP2“ и неговиот сестрински проект „Keck array“, се базираат на Јужниот Пол и се финансирани од Националната фондација за наука, исто така со значаен придонес на НАСА.
И „Планк“ и „BICEP/Keck“ биле дизајнирани за да ја мерат останатата радијација од нашиот универзум, кратко по неговото раѓање пред 13,8 милијарда години. „Планк“ ја обележал оваа „фосилна“ радијација на целото небо од вселената, а „BICEP/Keck“ се фокусирал само на еден дел од небото над Јужниот Пол.
Во март 2014 година, астрономите претставија интересни податоци од „BICEP/Keck“ за нешто што изгледало како да е можен сигнал од универзумот, од периодот кога само што се родил. Ако тој сигнал бил навистина од почетокот на космосот, тогаш ќе има антички гравитациски бранови. Се претпоставува дека овие бранови се создадени од експлозивен и многу брз раст на нашиот универзум, наречен инфлација, кој се случил кога универзумот бил стар само еден дел од секундата.
Поточно, експериментите „BICEP/Keck“ откриле докази за „извиткана“ патека на поларизирана светлина, што би требало да го докаже присуството на гравитациски бранови. Меѓутоа, еден од најтешките аспекти при идентификувањето на поларизираната светлина е неможноста да се оддели од онаа светлина од меѓусвездената прашина во нашата галаксија.
Млечниот Пат е исполнет со гас и прашина која свети со фрекфенција слична на поларизираната светлина од гравитациските бранови, и тоа влијае на набљудувањето на најстарата космичка светлина. Потребна е многу внимателна анализа на податоците за да се одвојат.
За таа цел, научниците ги користеле податоците од „BICEP/Keck“ кои го мереле небото во една бранова должина, а за да откријат колкав дел од сигналот доаѓа од галаксијата ги користеле и мерењата на „Планк“ во повеќе бранови должини.
Резултатите покажале дека светлината поттекнува од прашината во нашиот Млечен Пат, а не од гравитациските бранови. Меѓутоа тоа не значи дека не постоеле гравитациски бранови, туку можеби биле на многу ниско ниво кое не може да се потврди со сегашните анализи.
„Гравитациските бранови можеби се’ уште се таму некаде, и потрагата се’ уште продолжува“, заклучуваат научниците.