Во повеќе наврати истражувањата покажале дека музиката може да се користи за да се подобри учењето, когнитивните способности, како и симптомите на некои болести меѓу кои епилепсија, па дури и Алцхајмер.
Во едно ново истражување било испитувано влијанието на музиката кај пациенти во последниот стадиум на болеста или пациенти во процес на палијативна нега. Палијативна нега е специјализирана форма на здравствена нега што се фокусира на олеснување на болката и непријатните симптоми на болеста и подигање на квалитетот на животот на пациентите со тешки хронични или неизлечиви болести.
Со истражувањето биле опфатени 84 пациенти кои примале палијативна нега, поделени во две групи. Едната група примила терапија со музика, која се состоела од две сесии на релаксирачка амбиентална музика, додека другата, контролна група, примила вербални вежби за релаксација.
Истражувањето покажало дека кај пациентите со музичката терапија е забележано повисоко ниво на релаксација и подобра општа состојба, во споредба со контролната група. Покрај изјавите од пациентите дека се чувствуваат подобро, истражувачите направиле и физиолошки мерења за да ги одредат физичките ефекти од терапијата со музика.
Наодите покажале подобрувања во работата на срцето, како и тенденција кон подобра периферна циркулација, но она што е најитересно, истражувачите забележале значително намалување на степенот на замор кај пациентите во терминална фаза на болеста. Овој феномен ќе биде идна цел на подлабоко истражување за да се утврди дали терапијата со музика може да доведе до зголемување на енергијата кај пациентите.
Истражувачите истакнуваат дека докторите би требало да ја користат терапијата со музика кај пациентите во терминална фаза од болеста.
Истражувањето е објавено во „Deutsches Ärzteblatt International“.