Уште со самото спуштање на површината на Марс пред две години, теренецот „Curiosity“ се соочил со проблеми со тркалата.
Во мисијата било предвидено дека ќе има одредени помали оштетувања на тркалата. Но, кога на 411-от ден од слетувањето, се појавила дупка на тркалото не можело да се претпостави колкаво е всушност оштетувањето, се додека на 463-от ден не се појавил огромен процеп. Тестирањето спроведено на Земјата открило дека е направена двојна штета.
Прво, тркалата (кои се направени од тенок метал) биле подложени на умор на материјалот (тоа е истот оној механизам кој предизвикува кршење на спојалицата ако се превиткува неколку пати). На Марс, тркалата на „Curiosity“, на својот пат до Острата планина (Mount Sharp) која всушност е централниот врв на кратерот Гала, преминуваат преку површина со многу цврсти камења. Притоа, тенкиот метал од тркалата постојано се превиткува и со текот на времето се кине.
Второ, во мисијата не ја предвиделе точната природа на карпите на и околу местото на слетувањето на „Curiosity“ и на патот до Острата планина. Таа област има многу карпи во облик на пирамида со врвот свртен кон површината и цврсто закопани во тлото.
Изгледа дека има механички аспекти поврзани со системот за движење кој ги набива тркалата во острите карпи. Едно тркало може да ја издржи силата на притисок од една шестина од тежината на теренецот со која притиска врз карпите, но не може да ја издржи тежината на теренецот плус силата која ја додаваат другите пет тркала кога едното тркало ќе се набие на шилеста карпа.
Оштетувањата на тркалата ќе ја забават мисијата , а со тоа и постигнувањата што се очекуваат од „Curiosity“, со оглед на тоа дека ќе се намали и површината која теренецот ќе може да ја истражува.
Проблемите што теренецот „Curiosity“ ги има се земени во обзир многу сериозно за наредниот теренец што се планира да се испрати на Марс во 2020 година.