Трауматските настани од детството може да доведат до проблеми со менталното здравје и однесувањето подоцна во животот, објаснува психијатарот и специјалист за пострауматски стрес, Бесел Ван дер Колк, автор на неодамна објавената книга, „The Body Keeps the Score: Brain, Mind, and Body in the Healing of Trauma“. Детскиот мозок буквално се обликува од трауматски искуства, што може да доведе до проблеми со лутина, зависност, па дури и криминални активности во зрелите години, вели Ван дер Kолк. Прочитајте го интервјуто преземено од „Sound Medicine“, во кое тој зборува за неговата книга.
Дали психичките трауми од детството можат физички да ја променат структурата на мозокот?
Да, тие може да влијаат на конекциите и дејствата во мозокот. Тие го обликуваат мозокот.
Човечкиот мозок е социјален орган обликуван од искуството, со цел да одговори на искуствата кои ги имате, всушност. Па особено порано во животот, ако сте во постојана состојба на терор, вашиот мозок е обликуван постојано да биде во состојба на готовност за опасност и да се обидува да се ослободи од непријатните чувства.
Се создава конфузија во мозокот која води кон проблеми со прекумерна лутина, претерано исклучување, земање супстанци за да се чувствувате подобро. Овие нешта се речиси секогаш резултат на мозок кој е подесен константно да чувствува опасност и страв.
Со текот на годините мозокот се стабилизира, но овие рани трауматски настани се’ уште може да предизвикаат промени кои ве прават хипер-свесни за опасност, а хипо-свесни за задоволствата на секојдневниот живот.
Значи, мозокот на детето е многу повеќе податлив отколку мозокот на возрасните?
Мозокот на детето е условно кажано, непостоечки. Тој е обликуван од искуство. Така да, тој е исклучително податлив.
Каков е механизмот со кој трауматските настани влијаат на мозокот?
Мозокот е формиран од страна на повратни информации од животната средина. Во здрава животна средина за развој, вашиот мозок развива чувство на задоволство, ангажман и истражување. Подготвен е да учи, да акумулира информации, да формира пријателства.
Но, ако сте во сиропиталиште на пример, и сте лишени од детското истражување (да се допре, да се види), делови од мозокот едвај се развиваат. Резултатот е возрасно лице кое не може да се поврзе со други луѓе, нема чувство за себе, чувство на задоволство. Ако знаете само за опасност и страв, вашиот мозок ќе се насочи единствено кон заштита од опасност и страв.
Дали траумите имаат многу различен ефект врз децата во споредба со возрасните?
Да, поради развојот. Ако сте возрасни и поголемиот дел од времето имате добар живот, а потоа нешто лошо се случува, тоа ќе „повреди“ мало делче од целата структура. Но токсичниот стрес во детството, отфрлањето или хроничното насилство има продорни ефекти врз капацитетот да се обрне внимание, да се учи, да се перцепираат другите, и тоа навистина создава хаос со целата општествена средина.
Тоа пак доведува до криминалитет, зависности од дрога и хронични болести… и повторување на траумите на следната генерација.
Дали постојат ефективни решенија за трауми од детството?
Тешко е да се справиме, но не и невозможно.
Едно нешто што може да се направи – но се’ уште не е добро истражено, поради ограничување на средствата и ресурсите е неурофидбекот кој навистина може да им помогне на луѓето одново да ги поврзат конекциите на нивните мозочни структури.
Друг метод е ставање на луѓето во безбедна средина и создавање чувство на сигурност во себе. Едноставни работи како држење за рака и лулање.
Oткривме дека јогата е поефикасна од било кој лек што луѓето гo проучувале до сега како опција за ПТСП. Тоа не значи дека јогата лечи, но прави значителна разлика во вистинската насока.
Всушност, зборуваме за слобода и безбедност да се чувствувате како сакате. Кога сте трауматизирани постои страв од тоа што го чувствувате, бидејќи вашето чувство е секогаш терор, страв или беспомошност. Јогата, како техника помага да ја прифатите состојбата, односно да не се обидувате да побегнете од сопствените емоции.