Брегот се наоѓа стотици милји северно од тропските предели, но сега изгледа како тропски предел, вели Вергас, професор на Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија.
Подводниот морски свет се раселува. Под дејство на климатските промени, рибите и другиот жив морски свет, се движат кон вода која вообичаено е поладна, а истражувачите се обидуваат да одгатнат каков ефект тоа ќе има врз нивните нови живеалишта. Наодите на истражувачите укажуваат дека миграциите, особено на тропските риби, се често катастрофални. Инвазијата на тропските видови ги соголи пределите со кафеави алги во Јапонија, Австралија и источниот Медитеран и морската трева во Мексичкиот залив и брегот на Атлантикот.
Никој не може да предвиди каков ќе биде исходот од мешањето на фауната, вели Кен Хек, научник на Универзитетот во Јужна Алабама. Последиците од ова мешање веќе влијаат на ланецот на исхрана.
Незаситни јадачи
Морската трева и кафеавите морски алги се познати и како морски хранители, бидејќи се полни со шуплини исполнети со хранливи материи кои ги хранат и штитат ларвите и малите риби. Меѓутоа тие се заменети со други видови од топлите води ,како што се коралите кои го следат пристигнувањето на тропските риби -вели Вергес.
Вергес и нејзините колеги објавија студија која покажува како тропските риби, кои вообичаено се добри придружници на коралите, можат да ги опустошат кафеавите морски алги. Студијата е објавена во „Proceedings of the Royal Society B“.
Многу видови на тропски риби ги чистат коралите од алги и други растенија кои инаку би можеле да ги загушат. Но кога овие тревојадни риби ќе се најдат во поумерени води, морската трева и алгите за нив претставуваат богато поле за жетва за да го нахранат нивниот незаситен апетит.
Кога еднаш ќе стигнат во нова област, тропските риби се во состојба многу брзо да ја “покосат” вегетецијата и да ги уништат живеалиштата кои ги штитат другите видови.
Тропските риби пливаат во Медитеранот од 1869 година, кога преку ново-ископаниот Суецки канал дојдоа од Црвеното море. Но загревањето на Медитеранот овозможи огромно размножување на овие риби во последната декада.Тоа резултираше со опустошување на кафеавите алги на подрачја од стотици милји-вели Вергес.
Ракчињата, крабите и другите видови кои често првата година од животот ја преживуваат благодарение на тревите кои ги заштитуваат од грабливците, исчезнуваат кога ќе ја снема нивната заштита. На тој начин остават празнина за другите суштества кои зависат од нив. Губитокот на вегетацијата може комплетно да ја промени заедницата на видовите што живеат таму.
Исчезнувањето на алгите и морските треви може да има катастрофални последици и за комерцијалниот риболов ,исто така. На југот од Јапонија , на пример, подрачјата богати со морска трева биле богати и со јастози , но со исчезнувањето на тревите исчезнаа и овие видови, што беше погубно за риболовот.
Загревање на водите
Во текот на минатиот век, климатските промени доведоа до затоплување на површината на океаните, просечно за нешто повеќе од 1 степен Целзиусов. Но затоплувањето не беше секаде подеднакво. Струите создадоа т.н. ”жешки точки” во океаните каде температурата е за 2 до 3 степени повисока од глобалниот просек. Во ваквите жешки точки, штом минималната температура во зима ќе стане поднослива, тропските видови веќе се во состојба да се вселат.
Движењето на видовите од еден дел во друг отсекогаш постоело, како на копно така и во океаните. Без сомнение, климатските промени ги забрзаа тие движања. Обемот на тие промени е толку голем, што станува очигледен. Во регионите се доселуваат и отселуват видови, но севкупниот резултат е намалувањето на биодиверзитетот. Тој феномен што се случува во моментов е фасцинантен, но и алармантен-вели Вергес.