Царскиот рез не е ризик фактор за аутизам

Во светски рамки, аутистичниот спектар на нарушувања се смета дека влијае на околу 0,62% од сите деца на глобално ниво, но во САД е 1,5 отсто. И покрај тоа што е познато дека е резултат на генетика, научниците шпекулираат може да има линк до перинаталните фактори, вклучувајќи го царскиот рез. Некои од причините за поврзување на аутизмот и породувањето со царски рез е фактот дека овие деца се изложени на одредени видови на анестезија и лекови, предвремено раѓање и драматични промени и реакции на стрес.

Едноод поновите истражувања е конзистентно со претходните наоди, децата кои се родени со царски рез имаат 21% поголема веројатност да бидат дијагностицирани со аутизам. Сепак, по анализата на резултатите, истражувачите од Универзитетот Корк заклучија дека царскиот рез сам по себе, не предизвикува аутизам.

Наместо тоа, тие се сомневаат дека одредени генетски или средински фактори може да доведат до двете – царски рез и нарушување.

Предводена од д-р Али С. Кашан, експерт од Универзитетот Корк и Ирскиот центар за Фетус и Неонатално истражување, група на истражувачи го испитаа односот помеѓу отежнато/попречено породување и аутизам.

Методологија на истражувањето

Тимот анализирал податоци од шведскиот регистар, фокусирајќи се на сите живородени помеѓу 1 јануари, 1982 и 31 декември, 2010 година. Децата се следени до моментот на дијагностицирање на аутизмот, смрт, миграција, или датумот на завршување на истражувањето (31 Декември 2011 година). Целосната група се состоела од околу 2,7 милиони деца, а 28,290 или 1% од децата биле дијагностицирани со аутизам.

Речиси 80% од децата биле родени вагинално, без дополнителна асистенција, 6,1% со царски рез по избор, 6,5% со итен царски рез, и 7,3 проценти со асистирано вагинално породување (употреба на форцепс или вакуум).

По споредување и анализа на бази на податоци, истражувачите откриле дека децата родени со изборен царски рез имале 21% поголеми шанси за аутизам. Потоа, научниците направиле понатамошни споредби и пресметки.

Меѓутоа поврзаноста помеѓу раѓањето со царски рез и аутизам не истрајала во анализата на контролната група (браќа и сестри), па заклучокот е дека не постои причинско-последична поврзаност.

Поддржете ја нашата работа: