Истражувањето ја нуди можната причина за намалувањето на стапката на машки бебиња. Стапката на наталитет во Европа и Северна Америка е во корист на машките, со околу 105 момчиња на 100 девојчиња, иако има повеќе машки мртвороденчиња.
Но, најновите истражувања покажуваат дека се раѓаат помалку машки бебиња доколку таткото пуши, а уште помалку кога и двајцата родители пушат.
Д-р Мисао Фукуда од клиниката Шимизу во Хјого, Јапонија, и неговите колеги од Универзитетот во Копенхаген, Данска, го споредувале полот на околу 11.800 бебиња и пушачките навики на родителите. Секоја мајка била прашана за дневната сопствена потрошувачка на цигари и потрошувачката на партнерот во периодот на зачнување.
Истражувањето, објавено во „The Lancet “, го пресметува соодносот на раѓањето на машки и женски новороденчиња во три групи – мажи и жени кои не пушеле, оние кои пушеле до 20 цигари дневно и оние кои пушеле повеќе од 20 цигари дневно.
Се покажало дека со зголемување на бројот на цигарите, се намалува бројот на машки бебиња.
Во првата група, во која ниту еден родител не пуши, на секои 100 женски бебиња имало 121 машко. Но, кога двајцата родители пушеле повеќе од 20 цигари дневно, бројот на машките бебиња се намалил на најниското ниво од само 82. Кога мајката е непушач, но таткото пуши повеќе од 20 цигари дневно, соодносот е 98 момчиња на 100 девојчиња. Кога мајката е пушач, но таткото не пуши, бројката на момчиња е 87.
Работната хипотеза на истражувачите е дека сперматозоидите со хромозомот Y , одговорен за машките деца се почувствителни на неповолни промени предизвикани од пушењето отколку сперматозоиди со Х хромозом. Таквите погодени Y сперматозоиди се помалку функционални за оплодување или создаваат ембриони со помали шанси за опстанок.
Веќе долго време се препорачува да не се пуши за време на зачнувањето и бременоста, поради бројни здравствени ризици за детето. Намалувањето на плодноста кај мажите е уште еден дополнителен аргумент.