Неверојатен лек за автоимуни болести

Скоро секој петти жител на било која развиена држава боледува од некоја автоимуна болест. Таквите болести настануваат кога имунолошкиот систем има абнормален одговор на сопствените клетки или ткива, препознавајќи ги погрешно како страни тела при што ги напаѓа, а тоа доведува до воспаленија и оштетувања.

Постојат повеќе од осумдесет автоимуни болести, чија тежина се движи од благи симптоми па се до состојба на животна опасност. Некои од нив воглавно напаѓаат само едно ткиво или орган, додека други можат да влијаат на целиот организам.

Се верува дека во развиените држави има пораст на бројот на заболени од автоимуни болести, бидејќи имунолошкиот систем на современиот човек повеќе не е изложен на широк спектар на инфекции и инфестиции со какви се соочувале минатите генерации.

Од порано е познато дека некои луѓе намерно се заразуваат со паразитски црви во обид својата автоимуна болест да ја стават во фаза на мирување, бидејќи се смета дека цревните паразити имаат способност за смирување на имунолошките реакции, со што си обезбедуваат опстанок во цревата на домаќинот, без напаѓање на одбрамбената моќ на организмот на човекот.

“Може да има доста вистина во ова, бидејќи иако научниците не ги имаат разјаснето во целост причините за автоимуните болести, факт е дека инфестицијата од цревни паразити – црви, глисти и сл. е практично непозната во развиените земји, каде зачестеноста на автоимуните болести е висока, додека во земјите во развој, ситуацијата е спротивна”, вели проф. Рејмонд Нортон од Институтот за фармацевтски науки на Монаш (МИПС).

Во студијата, објавена во списанието FASEB Journal, од паразитските црви, успешно се издвоени пептиди со кои паразитите го потиснуваат имунолошкиот одговор во организмот на домаќинот. Истражувачите веруваат дека тоа откритие ќе го отвори патот за дизајнирање лекови за олеснување или целосно елиминирање на симптомите на автоимуните болести.

Наместо при лекување на автоимуни болести да се користат цели живи глисти, истражувачкиот тим побарал активни компоненти кои се одговорни за имуномодулаторните ефекти. При анализа на песји глисти Ancylostoma caninium, тимот идентификувал пептид, наречен AcK1, кој ги инхибира транспортните калиумови канали Kv1.3 во човечките клетки и така ја смирува имунолошката реакција кај домаќинот.

Со истражување на структурата на пептидот AcK1 е утврдено дека истиот наликува на претходно откриениот пептид (ShK-пептид), за кој е познато дека делува смирувачки на симптомите од автоимуните болести, а моментално поминува клинички испитувања како потенцијален лек за мултиплекс склероза.

Следниот чекор е обид за фармаколошко редизајнирање и формулирање на AcK1 пептид во фармакологијата кој би можел да ја инхибира “инвазијата” на имунолошкиот систем кај луѓе со автоимуни болести.

Или, како што би реков д-р Сандеп Чабра, еден од истражувачите на цревните глисти како потенцијален лек: “Ние се обидуваме да пронајдеме малку похигиенски начин за лекување на автоимуните болести, наместо да внесуваме живи паразити во телото”.

Поддржете ја нашата работа: