Турбуленциите не се толку опасни како што изгледаат

Ако некогаш сте патувале со авион, многу е веројатно дека сте почувствувале турбуленции, односно серија потреси во авионот кога тој запаѓа во воздушни џебови.

Иако, кога ќе почувствувате турбуленции ви се чини дека авионот би можел многу лесно да се сруши, тоа всушност воопшто не е опасно, и ако ви е познато што вели науката за турбуленциите, можеби ќе ви помогне следниот пат кога ќе ги доживеете да бидете порелаксирани.

Турбуленциите можат да бидат предизвикани од многу причини: промени во атмосферскиот притисок, вртложно струење на воздухот околу планините, промена на топло и ладно време, грмотевици. Може да се случи кога ќе се најдете среде бура, но и при чисто небо.

Сепак, треба да биде јасно – турбуленциите можат да бидат незгодни. Тие можат да предизвикаат повреди особено ако не ја почитувате препораката да бидете врзани со појасот.

Меѓутоа, шансите турбуленциите да бидат причина за соборување на денешните модерни патнички авиони се практично сведени на нула.

Како прво, независно како тоа изгледа во внатрешноста, туруленциите немаат такво големо влијание врз самиот авион, како што можеби изгледа.

„Висината и другите параметри многу малку се менуваат за време на турбуленциите. Условите можат да бидат непријатни, но авионот нема да се сруши“- пишува пилотот и автор на веб страната „Прашај го пилотот“ (Ask The Pilot).

Второ, авионите се направени да можат да издржат многу големи турбуленции, додека пилотите се обучени ефикасно да се справат со нив.

Патниците тоа не го забележуват, но пилотите често пати го успоруваат авионот и ја подесуваат висината за да ги избегнат турбуленциите и најчесто ги заобиколуваат.

Комерцијалните авиони се тестирани во екстремни услови, далеку поголеми од тоа на што би можеле да наидат во воздух (околу 1,5 пати поголемо оптоварување). Многу е веројатно крилата на авионост да можат да се свиткаат и до 90 степени.

При силни турбуленции може да ви се истури пијалокот пред вас, но кога се работи за безбедноста на авионот, тука нема потреба од  паника.

airplane-turbulence-660

Според извештаите на Федералната управа за авијација на САД, во последните пет години, во просек имало помалку од 50 случаи на повреди годишно, како последица на турбуленциите и тоа најчесто кај членовите на екипажот кои нема да успеат на време да седнат и да ги врзат појасите. Ова воопшто не е многу, со оглед на тоа дека во САД со авион патуваат 800 милиони луѓе годишно.

„Повредите предизвикани од турбуленции се многу ретки и обично се случуваат затоа што луѓето не се врзани со појасите или се движат во авионот. Ваквите работи создаваат перцепција дека летањето не е многу безбедно. Поопасно е возењето во автомобилот до аеродромот, отколку самото летање“- вели Тод Лејн, атмосферски научник од Унверзитетот во Мелбурн, Австралија.

Покрај тоа, системите во авионите кои ги бележат промените во воздушниот притисок се сѐ подобри. Многу повеќе разочарувачка е веста дека се смета дека зголеменото ниво на јаглероден диоксид во воздухот предизвикува сѐ поголема појава на турбуленции.

Значи, во основа, за да избегнете повреда, за време на турбуленции секогаш бидете врзани додека седите. Ако не можете, тогаш седнете во линија со крилата, бидејќи тогаш сте најблиску до центарот на подигање и гравитација на авионот, што ќе го минимизира ефектот од турбуленцијата.

Поддржете ја нашата работа: