Туризмот на Антарктикот опасен за пингвините

Поради тоа што долго биле изолирани од патогените од останатиот свет, се смета дека животните од Антарктикот имаат послаб имун систем. Луѓето дури пред само околу 200 години почнаа да го посетуваат Антарктикот.

Овој континент повеќе не е недостапен за човекот. За споредба, благодарение на растечкиот туризам, само во сезоната 2013-2014 година, Анктарктикот го посетиле 37 000 луѓе, за разлика од само 8000, колку што се проценува дека го посетиле во последните дваесет години.

Покрај тоа, секоја година на Антарктикот, по неколку месеци, престојуваат и околу 4400 истражувачи истовремено. Присуството на истражувачите и зголемениот број на туристи, не може да помине без последици.

Според тим на истражувачи од Нов Зеланд, пингвините се многу подложни на заразни болести. До ваков заклучок дошле со анализа на податоците кои датираат од 1947 година па наваму, за болестите на пингвините кои живеат во „заробеништво“. Покрај другите болести кај пингвините, постојат податоци за инфекции предизвикани од Салмонела, Ешерихија коли, вирусот Западен Нил , и вирусот на птичји сипаници.

Податоците за пингвините што живеат на Анктарктикот, а кои датираат од 1969 година па наваму , говорат за случаи на масовна смртност на пингвините како последица на разни инфекции. Во 2006 година, од инфекција со вирусот на птичји сипаници умреле повеќе од 400 генто пингвини (gentoo penguins), а во 2008 година забележана е 60 процентна смртност како последица на заразни болести.

Истражувaчите сметаат дека патогените агенси пристигнуваат на Анктарктикот преку миграцијата на некои птици, а одредени патогени бактерии ги пренесуваат и луѓето, иако не постојат доволно цврсти докази што би ја поткрепиле едната или другата можност.  

Климатските промени, исто така, допринесуваат да се развијат нови болести кај пингвините, истакнуваат истражувачите. „Промените во климата создаваат стресни состојби за пингвините што уште повеќе им го отежнува справувањето со болестите. Покрај тоа што затоплувањето ќе поттикне прилив на нови патогени или нови носители на патогени агенси, може да доведе и до намалување на изворите на храна, што исто така може да ја намали способноста на пингвините да се борат со болестите“.

„Во насока на  спречување на овие состојби, потребна е кординирана акција на повеќе релевантни фактори, за да се воспостават конкретни мерки и активности, бидејќи досегашните активности, главно се сведени на индивидуални истражувачки групи“, нагласуваат истражувачите.

Наодите се објавени во „Polar Biology“

Поддржете ја нашата работа: