Учете додека спиете

Ако сакате полесно да научите нешто, вечер пред спиење ставете ја книгата под перница и кога ќе станете сабајле веќе ќе ја имате научено. Добро, не е баш така, но всушност има неколку работи што може да ги научите – или барем подобро да ги разберете додека спиете. Повеќето од нив зависат од една работа, а тоа е звукот. Еве неколку вештини што може да ги подобрите додека спиете.

1. Странски зборови

Неодамна, научниците направиле експеримент каде лица чиј мајчин јазик бил германски требало да учат холандски јазик, почнувајќи со неколку основни зборови. Потоа, од учесниците побарале да легнат да спијат.

Без да знаат учесниците, додека тие спиеле, научниците на едната група им пуштиле аудио снимки од некои од зборовите што ги учеле, додека другата група не била изложена на такви звуци. Подоцна, кога биле тестирани за истите зборови, лицата од групата која била изложена на зборовите додека спиела, подобро ги идентификувале и ги преведувале зборовите.

За да бидат сигурни дека овие наоди се поврзани со спиењето, а не како резултат на тоа што тие ги слушале зборовите, научниците направиле друг тест со група лица кои ги слушале зборовите додека пешачеле. Пешаците не се сеќавале на зборовите ни приближно добро како оние кои биле изложени на звуците додека спиеле.

2. Музички вештини

Во една друга студија, истражувачите подучувале група луѓе да свират мелодии на гитара, користејќи ги техниките од видео играта „Guitar Hero“. Потоа, сите волонтери морале да дремнат.

И тука една група од учесниците, без да знаат, биле изложени на звуците од мелодијата што ја учеле додека спиеле, додека другата група не била. Волонтерите кои биле изложени на звуците додека спиеле, иако воопшто не се сеќавале на мелодијата, ја  свиреле истата многу подобро од волонтерите од другата група.

3. Каде сте ставиле нешто

Во една студија од 2013 година, истражувачите побарале од 60 возрасни лица на компјутер да постават виртуелен објект во одреден дел на екранот. Во моментот кога го поставувале објектот на местото учесниците слушале одреден звук. Потоа, истражувачите направиле два експерименти каде учесниците требало да отспијат 1,5 часа.

За време на првата дремка учесниците не биле изложени на никакви звуци, додека при втората снимка биле изложени на истиот звук што го слушале додека го поставувале објектот на екранот.

Очекувано и после првата и после втората дремка, сеќавањето кај учесниците било намалено. Сепак, сеќавањето им било подобро кога тие биле изложени – дури  и потсвесно или несвесно, на звукот кој бил емитуван кога го поставувале објектот на екранот.

4. Како да ги заштитите важните сеќавања

Научниците сметаат дека мозокот поседува посебен систем на обележување со кој ги одделува спомените со клучно значење од оние кои не се толку важни. Спомените што мозокот ќе ги обележи како „важни“ веднаш остануваат во нашата долгорочна меморија, додека помалку важните се заменуват со нови. Меѓутоа, научниците веруваат дека ова може да се смени во наша корист.

Во едно неодамнешно истражување, научниците откриле дека лицата кои слушаат звуци кои ги поврзуваат со сеќавањата – дури и оние помалку важните, полесно можат да ги сочуваат.

Во текот на истражувањето една група волонтери требало да постави икони на одредено место на комјутерскиот екран. Компјутерот бил програмиран да пушта специфичен звук при поствувањето на секој објект. Кога била поставена слика од мачка, се слушал звук на предење, поставувањето на слика на ѕвонче било проследено со ѕвонење. Потоа на учесниците им било дозволено да дремнат. Додека спиеле, една група од учесниците била изложена на некои од звуците од иконите, а другата група не била изложена на никакви звуци.

Лицата кои биле изложени на некои од звуците биле во состојба подобро да се сетат на сите објекти – еден звук помогнал да се поттикнат побројни сеќавања.

Што се случува за време на спиењето што му користи на мозокот?

learn-while-asleep.jpg.653x0_q80_crop-smartВо текот на ноќта, мозочната активност на специфичен начин се успорува и некои луѓе поминуваат повеќе време во фаза на длабок сон. Научниците сметаат дека во оваа фаза  некои од нашите краткорочни сеќавања се префрлуваат на долгорочно складирање во префронталниот кортекс.

Кај некои од наведените експерименти каде научниците биле во состојба да ја проучуваат мозочната активност кај учесниците додека спиеле, забележале дека оние кои биле изложени на звуци поголем дел од времето биле во длабок сон.

Со други зборови, колку подолго спиеме во длабок сон толку подобро учиме нови вештини и ги зачувуваме важните сеќавања.

Преземено од „Business Insider“.

Поддржете ја нашата работа: