Во изминатава деценија, иновативните заеднички градини (енаука.мк) и вертикалните фарми почнаа да се појавуваат насекаде на Земјата, со оглед на тоа дека температурите стануваат сѐ повисоки, а многу области сушни.
Но, едно предградие во Австралија работите ги врати на основното ниво претворајќи ги своите улици во отворени градини од кои заедницата ќе се снабдува со бесплатно овошје. зеленчук и билки. Минатата година на улицата биле произведени 900 кг. банани и 300 кг. зелка.
Проектот кој е наречен „Urban Food Street“, е започнат во 2009 година од жителите на предградието Будерим, во североисточен Квинсленд. Налутени од високата цена на лиметата, која во тоа време достигнувала 1,5 до 2,0 долари парче, неколку соседи одлучиле да засадат 10 дрва лимета во зелениот појас, за сопствени потреби.
Идејата се проширила и сега 11 улици во Будерим ги претвориле своите зелени појаси во градини каде одгледуваат сѐ – од нане, пиперки, домати, мајчина душица, кељ, калинки до компири.
Сезонските намирници слободно им се достапни на сите во заедницата, дури и на тие што самите не засадиле ништо.
Иако овие улични градини не можат да му обезбедат на едно семејство се што му е потребно во исхраната – сепак ова е добар начин жителите брзо и лесно да додадат свежи намирници во својот оброк, без да мора да одат во продавница.
Крајната цел на ова предградие е градините да понудат достапна и одржлива храна во време кога има сѐ помалку ресурси, како обработливо земјиште и свежа вода, а воедно и да им овозможат на жителите пријатно место за престој.
Како што пишува „Australian Broadcasting Corporation (ABC)“, еден од главните моменти на проектот не е само фактот дека жителите во секое време имаат свежи намирници, туку и дека тие се запознаваат и се дружат едни со други.
Според фејсбук страната на „Urban Food Street“ , групата сега е во процес на изработка на план со кој ќе им помага на други улици ширум светот да одгледуваат свои намирници на одржлив начин и да воспостават програма за делење на храната во заедницата.