Научниците успеале да направат евтини, целосно печатени соларни келии кои остануваат стабилни повеќе од една година во надворешни услови, користејќи го материјалот наречен перовскит.
Перовскит претставува еден вид на минерал кој поседува неколку инересни својства, како што се суперспроводливост, магнетоотпорност и јонска спроводливост кои се од голема важност за микроелектрониката.
Перовскит соларните келии ветуваат евтина и ефикасна соларна енергија со огромен потенцијал за комерцијализација. Но и покрај тоа што овие келии лесно се изработуваат и достигнуваат ефикасност од над 22 проценти во лабораториски услови, кога ќе се постават во реални услови, влагата и кислород ја уништуваат нивната способност.
Тим од истражувачи од Швајцарија успеале да ги надминат овие ограничувања. Тие создале нов тип на перовскит соларна структура и направале келија која има функционална стабилност повеќе од една година, со константна ефикасност од 11,2 проценти, што е приближно колку типичната ефикасност на соларните панели на база на силикон.
Истражувачите направиле хибридна 2Д/3Д соларна келија. Тие користеле два различни видови перовсит за да ги добијат двете својства што се важни за долготрајна ефикасност- отпорност на кислород и влага и пренос на полнењето.
2Д перовскит структурата делува како заштитен прозорец од влага, штитејќи ја на тој начин способноста на 3Д перовскит структура за генерирање на енергија.
Хибридните 2Д/3Д соларни келии биле изработени слој по слој, како сендвич, со поставување на различните слоеви еден над друг.
За демонстрација на прозводствениот потенцијал на оваа технологија, научниците изработиле соларен панел со димензија 10х10 см ( на сликата подолу).
На овој начин истражувачите успеале да направат ефикасна и ултра-стабилна соларна келија, што е клучниот чекор кон изработка на повеќедимензионални панели за комерцијална употреба.
Оваа соларна келија може да трае повеќе од 10.000 часа во стандардни услови, а максималната ефикасност постигната со 2Д/3Д комбинацијата на перовските била 14, 6 проценти.
Наодите се објавени во „Nature Communications.“