Октоподите ги користат своите очи за да испратат сигнали до пигментираните клетки во нивната кожа, наречени хроматофори, кои се шират и стеснуваат за да го променат својот изглед.
Едно ново истражување на научниците од Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара, открива дека калифорнискиот октопод со две точки (препознатлив по двете сини точки на двете страни на главата) може да ја насети светлината дури и без централниот нервен систем – со помош на кожата, односно протеини чувствителни на светлина, наречени опсини (кои се наоѓаат во очите). Овој процес претходно не бил познат кај главоногите.
„Кожата на октоподот не ја насетува светлината толку детално како кога ги користи очите и мозокот, но може да почувствува промена или зголемување на светлината. Кожата не ги детектира контрастите, туку интензитетот на светлина“, вели Дезмонд Рамирез, докторант на Одделот за екологија, еволуција и морска биологија.
Како дел од експериментот, Рамирез осветлувал еден дел од ткивото на октоподот, при што хроматофорите се ширеле за да ја променат бојата. Кога ќе ја исклучел светлината, тие се опуштале и кожата се враќала во првобитната боја. Овој процес укажува на тоа дека на хроматофорите се поврзани светлосни сензори кои овозможуваат реакција без учество на очите и мозокот. За да ја сними чувствителноста на кожата на бои, Рамирез го изложил октоподот на различни бранови должини на светлина, од виолетова до портокалова, и открил дека хроматофорите најбрзо реагирале на сина светлина. Потоа спровел молекуларни експерименти за да открие кои протеини се изразени во кожата , па така во сензорните неврони на површината на кожата го открил родопсинот – протеин кој обично се произведува во окото.
Научниците сметаат дека се работи за еволутивна адаптација. Октоподите не се единствените мекотели чија кожа може да ја насети светлината, па следна цел на научниците се дополнителни експерименти за да утврдат како се развиле и дали потекнуваат од заеднички предок.
Истражувањето е објавено во „Journal of Experimental Biology“.