Универзална вакцина против грип

Сега, едно ново истражување покажува дека научниците може да создадат универзална вакцина која ќе обезбеди заштита од повеќето видови на грип, вклучувајќи ги и оние кои би можеле да предизвикаат пандемии.

Причината поради која научниците секоја година ја менуваат вакцината е тоа што сакаат да одговара на конкретните вируси кои се распространуваат, како на пример Х1Н1 (свинскиот грип). Ако вакцината е барем малку различна од вирусот, нема да обезбеди заштита.

Сега, научниците дизајнирале стратегија за да не мора да размислуваат за тоа дали антигенот на вакцината одговара на вирусот. Тие користеле коктел вакцина која изразувала неколку различни подвидови на еден клучен протеин на вирусот на грип – хемаглутинин Х1, Х3, Х5 и Х7. Постојат 16 различни подвидови на хемаглутинин кои се распространети меѓу птиците и се сметаат како основни за тековните и идните пандемии.

Хипотезата на научниците е дека овие различни протеини на вирусот ќе го стимулираат развојот на имунитетот кој ќе обезбеди поголема заштита против повеќе подвидови. Тие ги одбрале подвидовите Х1 и Х3 бидејќи се најголема причина за појава на сезонски грип кај човекот уште од 1918 година, а подвидовите Х5 и Х7 бидејќи се причина за последните епидемии на птичји грип и имаат потенцијал на пандемија.

Научниците спровеле серија експерименти на глувци и откриле дека 95% од оние кои ги вакцинирале со вакцината биле заштитени од 8 смртоносни видови на грип. Тоа значи дека речиси сите вакцинирани глувци преживеале, вклучувајќи ги и оние што биле заболени со подвидовите на хемаглутинин кои воопшто не биле вклучени во вакцината (Х2, Х6, Х10 и Х11).

Понатамошните експерименти покажале дека вакцината има траен ефект, најмалку 6 месеци, и дека е ефикасна и кај постарите глувци. Ова е важен податок со оглед на фактот дека постарите лица се особено подложни на грип, а сегашните вакцини се помалку ефикасни кај постарите отколку кај помладите.

Овие првични наоди се многу позитивни и укажуваат на ветувачка и практична стратегија за создавање на вакцина со неверојатна заштита, истакнуваат научниците.

Истражувањето е објавено во „mBio“.

Поддржете ја нашата работа: