Уред за поефикасно пешачење

Овој уред овозможува дополнителна амортизација при секој чекор со што се намалува трошењето на метаболичката енергија за 7%, за разлика од пешачењето во нормални спортски патики.

Ова откритие може да биде корисно за оние кои се постојано на нозе, како на пр. воената пешадија, како и за жртвите од мозочен удар или други пречки или повреди при одењето.

Истражувачите од Државниот Универзитет во Северна Каролина и Универзитетот Карнеги Мелон ја тестирале ефикасноста на уредот кој се носи на ногата и е составен од пружина и спојка кои работат во тандем со мускулите на листот и Ахиловата тетива додека луѓето одат. Тежи околу 500 грама и не е моторизиран, што значи дека нема потреба за батерии или друг извор на енергија.

„Надворешниот егзоскелет е како катапулт. Има пружина која го имитира дејството на Ахиловата тетива и работи паралелно со мускулите од листот за да го намали товарот врз нив“ – вели д-р Грегори Савицки, коавтор на истражувањето. Спојката е потребна само кога ногата е на земја, а потоа автоматски се олабавува кога стапалото е во воздух, за да може да има слободно движење.

Во истражувањето учествувале 9 возрасни лица кои оделе со нормална брзина на лента за пешачење со и без егзоскелетот на нозете, а истражувачите го тестирале егзоскелетот со пружини со различна цврстина. Одењето со премногу цврсти или меки пружини резултирало со нормална или поголема потрошувачка на енергија, па истражувачите ја одбрале пружината со умерена цврстина како најсоодветна.

„Намалувањето на потрошувачката на енергија за 7% е како да сте извадиле ранец од околу 5 кг. од себе“ – вели Савицки.

Ова истражување покажува дека се’ уште има многу да се учи за човековата биомеханика и навидум едноставното однесување, како што е одењето.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt