Урината сепак не е стерилна ?

Ова се наодите од истражувањето направено од Школата за медицина на Универзитетот Лојола во Чикаго, објавени во последното издание на „European Urology“.

Истражувачите испитувале примероци од урина земени директно од мочниот меур со аспирација или преку катетер за да се избегне контаминација. Примероците биле анализирани со техника на проширена квантитативна урино култура (EQUC), со која се откриваат бактeрии кои не можат да се детектираат со стандардните техники на урино култура што обично се користат за дијагноза на уринарните болести. Во истражувањето исто така е користена техника 16С рДНА секвентирање, за класификација на бактериската ДНК.

„Иако традиционалните методи на урино култура претставуваа златен стандард за откривање на уринарните пореметувања во минатото, тие не ги детектираат повеќето бактерии и затоа нивната примена е ограничена. Тие не се сеопфатни како техниката што е користена во ова истражување – велат истражувачите.

Овие анализи покажале дека одредени бактерии во мочниот меур кај жените можат да имаат придонес за синдромот на уринарна инконтиненција. Исто така покажале дка некои бактерии се почести кај жените со ургентни состојби на уринарна инконтиненција, отколку кај здравите жени.

„Ако успееме да ги одредиме тие одредени бактерии кои се причинители за различните симптоми на долниот уринарен тракт, може полесно да ги идентификуваме жените со поголем ризик и поефикасно да ги третираме“ – нагласуваат истражувачите.  

Во понатамошните испитувања, истражувачите од Лојола ќе ја проучуваат улогата на уринарните бактерии во здравјето и болестите, за да дознаат повеќе за  пореметувањата во долниот уринарен тракт, синдромот на преактивна бешика, уринарната инконтиненција, како и синдромот на болна бешика.

Поддржете ја нашата работа: