Тениите се паразити кои најчесто се населуваат во цревата, предизвикувајќи симптоми како чувство на слабост, губење на тежината и болки во стомакот. Меѓутоа, ларвите на некои видови тении можат да патуваат подалеку од цревата и да се населат во други делови како во очите, мозокот или рбетниот мозок.
Во една болница во Англија бил примен пациент со кинеско потекло, со симптоми на главоболка, грчеви, пореметување на чувството за мирис и проблеми со меморијата. Пациентот живеел во Англија 20 години, но често ја посетувал родната земја.
Откако тестовите на многу болести се покажале негативни, докторите решиле да направат серија снимања на мозокот со магнетна резонанца. Забележале лезии кои мигрираат најмалку 5 см. во мозокот. Направиле биопсија на левиот таламус и откриле ларва од црв во вид на лента долга 1 см. После анализата на примероци од црвот, со секвентирање на ДНК, утврдиле дека се работи за „Spirometra erinaceieuropae“, редок вид на тенија кој е типичен за Кина, Јужна Кореја, Јапонија и Тајланд. Познато е дека предизвикува инфекции кога во организмот ќе се внесе преку контаминирана вода, преку конзумирање на недоволно термички обработено месо од жаби и змии или кога месото од жаба се користи за третирање на рани.
Истражувачите успеале да го секвентират целиот геном којшто претставува досега најголемиот измерен геном од сплеснати црви. Со испитување на специфични делови од геномот на црвот, истражувачите успеале да одредат кои гени се одговорни за нивната отпорност на одредени лекови, како и делови кои можат да бидат потенцијални цели за делување на лековите. Истражувачите откриле дека тенијата има гени кои овозможуваат отпорност на лекот бензимидазол, но и можна осетливост на друг лек – празиквантел, кој се користи во овие третмани.
Исто така, истражувачите го истражувале геномот за да ги откријат деловите на кои би можеле да делуваат некои други лекови кои веќе постојат на пазарот, но се користат за терапија на други болести. Откриле гени кои се цел на делување на познати лекови за рак, со што се отвара можност таа терапија да се пренасочи кон лекување на овој тип на инфекции.
Откриле и дваесет гени со непозната функција, што всушност покажува колку малку се знае за овој вид тенија и ја објаснува нивната способност да живеат во различни „домаќини“ (влекачи, водоземци, цицачи), како и во водена средина.
Податоците се јавно достапни со цел да им помогнат на истражувачите да пренасочат одредени лекови за третирање на ретки инфекции како што е оваа.
Истражувањето е објавено во списанието „Genome Biology“.