Успеавме да ја детектираме снежнатата линија околу една ѕвезда

Живееме на една планета, а се’ уште не можеме да разбереме како се формирала. Научниците постојано проучуваат како се формирале планетите и се обидуваат да дознаат нешто повеќе за планетарните системи со помош на веќепостоечки примери, односно планети. Но, како што НАСА неодамна изјави, тоа е подеднакво како да се обидуваме да дознаеме како луѓето растат од бебиња до тинејџери преку проучување на возрасни.

Сега, за прв пат, научниците ја детектирале „снежната линија“ – регионот каде што температурата значително се намалува за да се формира снег, во протопланетарниот диск на една млада ѕвезда. Младите ѕвезди најчесто се опкружени со густ диск од гасови и прашина – протопланетарен диск, кој ги обезбедува потребните материи (прашината и остатоците од раѓањето на ѕвездата) за да се формираат планетите.

Обично, снежната линија е лоцирана премногу блиску до ѕвездата и не може да се набљудува. Но, во овој случај, снежната линија околу младата ѕвезда „V883 Orionis“ била истуркана на многу поголема далечина отколку што е нормално поради ненадејно и драстично зголемување на светлината на ѕвездата, што го загреало внатрешниот дел од дискот.

Така научниците успеале да ја детектираат со помош на радио телескопите во пустината Атакама во Чиле. Иако научниците за прв пат ја детектираат снежната линија, тие сметаат дека овој феномен поради кој е возможно да се набљудува (експлозиите кои го поместуваат нејзиниот радиус) може всушност да е многу честа појава.

Дистрибуцијата на воден мраз околу една млада ѕвезда е од фундаментално значење за формирањето на планетите, па дури и за развојот на живот на Земјата. Овие наоди ни покажуваат како и кога се случува ова во протопланетарниот диск кога младите планети се’ уште се формираат, што всушност претставува директен доказ за тоа дека постои ладен регион кој придонесува за формирањето на планетите и околу други ѕвезди, освен нашето Сонце.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: