Островот Хендерсон, дел од архипелагот Питкерн, прекриен е со речиси 18 тони пластичена отпад, што претставува најгусто наталожан нанос од отпад призведен од човекот што е забележен во светот.
Овој ненаселен корален остров воедно е и еден од најизолираните и најзагадените.
Овој остров се наоѓа во јужниот Пацифик, а 99,8 проценти од отпадот го сочинува пластика.
Според проценките ма истражувачите од Универзитетот во Тасманија и Кралското друштво за заштита на птици од Велика Британија, на Хендерсон има 38 милиони пластични парчиња отпад со вкупна тежина од околу 17,6 тони.
Поголемиот дел од отадот, приближно 68 проценти дури не се ни гледа, бидејќи околу 4.500 парчиња отпад на квадратен метар се закопани на длабочина до 10 сантиметри. Дневно од водата на брегот се исфрлаат околу 13.000 нови парчиња отпад.
Џенифер Леверс од Универзитетот во Тасманија вели дека обемот на загадувањето на овој остров ги надминува сите очекувања.
„Сум патувала до некои од најоддалечените острови на светот и состојбата е речиси секаде иста – плажите се преполни со трагови од човечка активност, иако луѓето таму никогаш не стапнале. Меѓутоа, се надевав дека изолираноста на Хендерсон ќе му овозможи некаква сигурност. Потполно сум згрешила. Количината на отпад ме остави без зборови, па затоа до детали го документирав она што го затекнавме“– вели таа.
Истражувачите пронашле и стотици ракчиња кои живеаат во отпадот и како свој дом ги користат капачињата од шишиња, амбалажата од козметика и сл.
Она што е најчудно од сѐ е тоа што овој остров се наоѓа на листата на светско наследство под заштита на Унеско и е практично недопрен.
Со оглед на тоа дека има само 3.700 хектари, островот покажува извонреден биодиверзитет, на него живеат дури 10 ендемски видови на растенија и четири копнени видови на птици.
Леверс истакнува дека овој остров е доказ дека не постои место на светот што е поштедено од загадување со пластичен отпад. Според неа, единствен начин да се реши овој проблем и да се заштити крајбрежјето и животинскиот свет од понатамошно загадување е да се редуцира производството на пластика.
За жал, со гобалното производство на пластика, што денес изнесува околу 300 милиони тони, или шест пати повеќе отколку во 1970-тите, се чини дека ова нема да се случи наскоро.
Наодите се објавени во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.