Вашата вирусна историја во една капка крв

Новата метода е развиена од истражувачите од Медицинскиот институтот Хауард Хјуз и се нарекува „Вирскен“.

Со стандардните анализи на крв може да се одреди само по еден патоген, со една анализа. „Вирскен“ работи преку проверка на крвта за антитела против кој било од 206-те видови на вируси, за кои е познато дека ги инфицираат луѓето. Кога имуниот систем во организмот ќе дојде во допир со некој вирус за прв пат, тој продуцира специфични антитела и може да продолжи да ги продуцира тие антитела со години или со децении откако инфекцијата завршила.

Техниката е тестирана на 569 лица од Перу, САД, Јужна Африка и Тајланд.

Истражувањето, што беше објавено во списанието „Science“, покажало дека во текот на својот живот испитаниците просечно биле изложени на 10 различни видови на вируси. И покрај тоа што стапката на вирусната изложеност била различна, во зависност од возраста, географската локација и ХИВ-статусот (лицата инфицирани со ХИВ вирусот имале антитела против многу повеќе вируси од тие што немале ХИВ), истражувачите успеале да идентификуваат мала група на антитела кои биле присутни кај мнозинството од учесниците во испитувањето. Истражувачите сугерираат дека ваквиот модел е многу важен за да се разбере нашиот имунолошки систем, бидејќи се чини дека повеќето луѓе се изложени на исти вируси.

Вирскен ќе може да се користи и за да се испита врската помеѓу претходна изложеност на вируси и развој на одредени болести подоцна. Корелацијата помеѓу Епштајн-Бар вирусот, кој е најзастапен вирус во ова истражување, со појава на одредени видови рак, утврдена е од порано, а научниците се надеваат дека ќе откријат повеќе за поврзаноста помеѓу специфичните вируси и развојот на одредени болести.

Наодите, исто така, би можеле да имаат значајно влијание за развој на вакцините. Покрај тоа, овој пристап не е ограничен само за вирусите. Истражувачите го користат во својата лабораторија и за откривање на антитела кои го напаѓаат сопственото ткиво кај одредени автоимуни болести, а кои се поврзуваат со ракот. Сличен пристап, исто така може да се користи и за откривање на антигени и останати други видови патогени.


Поддржете ја нашата работа: