Зборот вегетаријанство произлегува од латинскиот збор „vegetus“, што значи здрав, свеж и полн со живот или „homo vegetus“ што значи физички и психички здрава личност.
Изворното значење на укажува на балансирана филозофска смисла за животот, а не само исхрана која се состои од овошје и зеленчук.
Светскиот ден на вегетаријанството се одбележува секоја година на 1 октомври, благодарение на Друштвото на вегетаријанци од Северна Америка кое постои од 1977 година. Нивната цел е да се подигне свеста за етичките, еколошките и здравствените предности на вегетаријанскиот начин на исхрана и живеење.
Многу луѓе се прашуваат зошто некој би се одрекол од вкусниот хамбургер, колбаси, ќебапи и слични деликатеси од месо? Причините можат да бидат различни – од етички (поради нехумани постапки на кои се изложени животните во месната индустрија) и љубовта кон животните, па до здравствени и еколошки.
Луѓето кои го избрале животот без месо се делат на вегетаријанци и вегани. Вегетаријанците не јадат месо, но консумираат животински производи – јајца, млеко, сирење и слично, додека веганите не јадат ништо од животинско потекло.
Експертите за исхрана дури и ретко го употребуваат изразот „здрава храна“, бидејќи, според Европскиот совет за исхрана, дали храната ќе се етикетира како здрава или не, најмногу зависи од тоа во кое количество се конзумира.
Конзумирањето на месо не е тоа што ја двои здравата од нездравата исхрана, туку промената на балансот во исхраната.
Конзумирањето на големи количини на месо и други намирници од животинско потекло, како сирењето и јајцата, а во исто време игнорирањето на основните хранливи материи што се наоѓаат во овошјето, зеленчукот и интегралните житарки, секако остава последици.
Истражувачите од Универзитетот во Јужна Калифорнија откриле дека луѓето што конзумирале големи количини протеини од животинско потекло, биле изложени на четири пати поголем ризик за смрт од рак, од оние чија исхрана се состоела од мали или умерени количини животински протеини. Само со намалување на дневната количина на месо, сирење и јајца и наместо тоа, внесување на одредено количество на квалитетен зеленчук, јаткасти плодови и интегрални житарки, вашето тело ќе има голема корист.
Вегетаријанството не значи автоматски и добро здравје. Важно е каков е пристапот кон вегетаријанскиот начин на живот. Вегетаријанците кои козумираат мешунки, овошје, зеленчук, јаткасти плодови, имаат многу поразличен здравствен профил од вегетаријанците во чија исхрана преовладуваат рафинирани јаглени хидрати, како тестенини, колачи и слично.
Минатата година во списанието „PLoS ONE“ беше објавено истражување направено од еден истражувачки тим од Австрија, кои направиле споредба помеѓу вегетаријанците и лица што конзумираат секаква друга храна. Резултатите покажале дека вегетаријанците имале полошо здравје од останатите групи.
Истражувањето сепак било многу ограничено во начинот на кој била вршена споредбата. И самите истражувачи признаваат дека групата од 1.000 учесници не може да го претставува целиот свет. Исхраната на жителите од една земја може многу да се разликува од друга. Важно е како ќе биде ускладена секојдневната исхрана. Чипсот и кифлите се исто така вегетаријански, но тоа не значи дека треба постојано да се јадат, напротив.
Секогаш кога ќе се исфрли некоја група намирници од исхраната, постои ризик од недостаток на одредени хранливи материи. Вегетаријанците би требало да се фокусираат да внесат доволно протеини во својата исхрана, додека за веганите приоритет се железото, калциумот, витаминот Б12 и цинкот. Исто така, можат да бидат потребни и суплементи со витамин Д и омега 3 масни киселини, за да се одржи активен живот.
Значи, умереното конзумирање на месо заедно со изобилство од овошје, зеленчук, интегрални житарки, секако дека може да се вклопи во здравиот начин на живот.