Новата електронска кожа (е-кожа) ја менува бојата при допир, бидејќи различната количина на притисок ја менува хемиската структура, па последователно и оптичките својства на материјалот. Кожата би можела да најде примена кај интерактивните преносливи уреди, вештачката протетика и паметните роботи.
Научниците и претходно произведувале слични материјали, но ова е првата е-кожа која комбинира 3 својства – еластичност, чувствителност на допир и промена на боја.
Е-кожата се состои од две главни компоненти: растеглив микро полимер кој го менува напонот во зависност од притисокот и растеглив електрохромен полимер кој може да биде или црвен или син, во зависност од напонот.
Истражувачите демонстрирале како кожата функционира со помош на плишано мече, при што го прикачиле полимерот чувствителен на допир (притисок) на шепата на мечето и го поврзале со електрохромниот полимер кој го поставиле на стомакот. Електрохромниот полимер најпрво бил црвен, но откако истражувачите го притиснале мечето за шепата (со слаб стисок од околу 50 kPa) станал сино – сив. Со посилен стисок (од околу 200 kPa) станал бледо син. По ослободувањето на притисокот, повторно станал црвен.
Овој електрохромен полимер може да менува само нијанси на црвено и сино, но научниците очекуваат другите полимери да се дизајнираат на тој начин што ќе покажуваат широк спектар на бои при различен притисок, што може да доведе до поголеми примени.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.