Таканаречените, деца од епрувета на поодмината возраст би можеле да се сретнат со бројни здравствени проблеми, бидејќи клиниките користат метод на асистирана репродукција кои не се тестирани на правилен начин, тврди британскиот научник Роберт Винстон.
Натаму, тој тврди дека овие ризици вклучуваат вродени деформации и генетски оштетувања кои можат да останат прикриени се до зрела доба, кога лицето има зголемен ризик фактор за појава на рак, пишува Daily Mail.
Винстон е загрижен за оние парови кои очајно сакаат да имаат деца, не затоа што тоа само по себе е опасност, туку затоа што на нив се експериментира.
Неговите обвинувања доаѓаат во време кога постои се поголема загриженост поради долготрајните здравствени ефекти на вештачкото оплодување, и следи се поголем број на докази за тоа дека тие деца се помалку здрави од оние кои се зачнати по природен пат.
Фактот дека предупредувањето доаѓа од страна на доктор кој беше еден од водечките светски пионери на ин витро оплодувањето, му дава дополнителна тежина.
Винстон вели дека посебно е загрижен поради замрзнувањето на IVF ембрионите за подоцнежна употреба. Ветува дека резултатите од моменталните истражувања во неговата лабораторија наскоро ќе бидат објавени, како и доказот дека вештачкото оплодување го менува клучниот ген, одговорен за спречување на растот на тумор, што потенцијално води до зголемен ризик на рак на децата.
“Ембрионите се оставени да созреваат до пет дена во лабораторија, со цел да се зголемат шансите за имплантација во матката. Тоа може да има деструктивен ефект на гените, а тоа го докажавме во една студија на глувци,” – истакнува Винстон.
Друга студија пак, спореди 3 милиони природни зачнувања и 40 000 медицински потпомогнати, и докажала дека децата од епрувета имаат за 2,5 пати поголеми шанси да се родат со помала тежина. Таквите бебиња имаат поголен ризик од развој на васкуларни болести, дијабетес, хипертензија и остеопороза.
Експертите предупредуваат дека дури и оние кои се родени преку конвенционален метод на вештачко оплодување, имаат двојно поголем ризик од дефекти при раѓање. Ризиците се уште поголеми со ИЦИС техниката, која вклучува директно инјектирање на спермата.
Жените кои се подложени на вештачко оплодување имаат двојно поголем ризик од малигни израстоци на јајниците, како што се ракот и туморот, во споредба со жените кои не се подложени на вештачко оплодување, открива 15-годишната студија, спроведена на 25.000 жени од страна на Центарот за истражување на рак во Амстердам.