Вештините за готвење се појавиле пред милиони години

Новите истражувања покажуваат дека шимпанзата го имаат поголемиот дел од менталните способности кои се потребни за да се зготви храната. Ова укажува на тоа дека способноста за готвење е длабоко вкоренета и можеби се појавила кај човековите предци пред милиони години. Луѓето можеби ја развиле способноста за готвење кратко откако научиле да го контролираат оганот.

Колку и да звучи изненадувачки, дури и за да се свари едно јајце се потребни ментални способности. Додека животните ја јадат секоја храна што ќе ја најдат или уловат, луѓето можат да ја чуваат и готват, дури и ако се премногу гладни, бидејќи знаат дека она што ќе го зготват ќе има подобар вкус.

За подготовката на вкусна храна е потребна слична имагинација како при создавањето на уметност, учењето на јазик или пак создавањето на нови технологии кои го прават човекот уникатен. Па, кога вашиот ум ќе одлета и ќе помислите на некое убаво јадење, а всушност треба да обрнете внимание на нешто друго, не грижете се, тоа не прави луѓе.

Па, кога прв пат се развила оваа способност? Д-р Феликс Варнекен од Универзитетот Харвард спровел серија експерименти на шимпанза за да ги тестира индивудуалните когнитивни вештини потребни за готвењето. Тестирал дали шимпанзата преферирале готвена или сирова храна, дали можат да почекаат за да се зготви храната и дали би ја сместиле сировата храна во посебна кутија која научниците ја одредиле за готвење. Шимпанзата ги поминале сите тестови.

Па, зошто тогаш тие не можат да готват? Д-р Варнекен објаснува дека причината е тоа што не можат да го контролираат оганот, и не поседуваат т.н. социјални вештини. Под социјални вештини се подразбира нивната недоверба во останатите, дека нема да им ја украдат храната додека ја подготвуваат.

Ова истражување покажува дека менталните вештини кои се потребни за готвење биле присутни кај човековите предци пред 5-7 милиони години. Се што било потребно за појавата на кулинарството била контролираната употреба на огнот и довербата дека останатите луѓе нема да ни ја украдат храната позади нашиот грб.

Експертите за еволуцијата на човекот велат дека е интересно тоа што шимпанзата и луѓето делат некои од суштинските психолошки карактеристики потребни за готвењето, но сметаат дека ова истражување не додава многу нови информации за човекот. Истражувањето е објавено во „the Royal Society“.

Поддржете ја нашата работа: