Деменцијата претставува збир на симптоми кои постепено доведуваат до влошување на интелектуалната способност, па се до оштетување на способноста за социјализација и работа.
Најистакнатите нејзини симптоми се губење на способноста за размислување, проблеми со помнењето и донесување логички заклучоци, а еден од можните начини за нејзина превенција е стимулирање на мозокот за креирање т.н. когнитивни резерви со помош на кои мозкот останува во добра форма.
Со цел да се спречи нејзиниот напредок, и повеќе да се активира мозокот, научниците од Универзитетот во Монтреал ја одбрале популарната 3D игра како метод и притоа докажаа дека таа е всушност најефикасна во борбата против оштетување на мозокот.
Имено, научниците открија дека играњето 3D или логички игри влијае за зголемување на сивата материја во хипоталамусот, односно делот од мозокот кој е задолжен за управување со одлуки и меморија, што е од витално значење за учењето на нови вештини бидејќи играчите притоа користат мемориски процеси. Кај луѓето во ран стадиум на деменција се намалува овој многу важен дел од мозокот.
Во истражувањето учестувале 33 луѓе на возраст од 55 до 75 години кои биле поделени во две групи. Првата група играла Super Mario 64, а другата по прв пат учела да свири клавир. Позитивните ефекти на крајот се уочени само кај тие што ја играле играта.
Студијата покажала дека лицата кои играле Super Mariо 64 во времетраење од два месеци имале поголемо просторно и епизодно памтење во споредба со тие кои учеле да свират клавир.
Играњето игри како 3D Super Mariо во текот на два месеци може да го подобри капацитетот на мозокот и да помогне за превенција на деменција како кај старите така и кај помладите возрасни лица, истакнуваат научниците од Канада.
Авторот на студијата, проф. Грегори Вест, се надева дека овие откритија можат да се користат во откривање на нови начини за заштита на старите лица од деменција. 3D игрите го поттикнуваат хипокампусот да создава ментална слика на виртуелна средина. “Голем број на претходни студии укажуваат на тоа дека само мозочната стимулација ја зголемува функционалната активност и супстанцијата во тој дел од мозокот”, вели проф. Вест.