Особено се намалува способноста за обработка на нивото на контраст што е особено важно за рамнотежа, како и за возењето автомобил. Со тренинг од само неколку недели може да се подобри видот и да се зголеми чувствителноста на контрастите, според едно ново истражување во „Psychological Science“.
Иако некое намалување на видот е резултат на самото око, истражувањата покажуваат дека намалувањето на другите аспекти на видот се резултат на функцијата на мозокот. Затоа, научниците се прашувале дали одреден тренинг кој вклучува повторено изложување на одредени стимули, може да ги прекине тие промени во функцијата на мозокот и за таа цел спровеле едно истражување.
Во истражувањето учествувале 16 помлади лица (просечно на возраст околу 22 години) и 16 постари лица (просечно на возраст околу 71 година). Тие претходно биле тестирани за да се уверат дека немаат никакво когнитивно намалување или болест на очите.
Испитаниците посетувале сесии кои траеле по 1 час и 30 минути, во текот на 7 дена. На сесиите тие гледале во пругаст визуелен стимул и требало да утврдат дали се движи во правецот на стрелките на часовникот или обратно. Истражувачите го менувале контрастот на стимулот за време на сесиите, притоа менувајќи го тоа колку сликата е јасна или заматена.
На почетокот на експериментот, помладите лица имале подобри резултати, но со текот на тренингот постарите лица се подобриле и до крајот на 7-миот ден покажувале слични резултати со оние на помладите. Понатамошните анализи потврдиле дека овие подобрувања се резултат на промените но визуелното процесирање во мозокот, а не промените на окото.
Постарите лица покажале подобрување на видот од блиску, а помладите од далеку. Со оглед на краткиот период на тренирање, степенот на подобрување е импресивен.
„Нашето истражување ни покажува дека визуелниот систем на постарите лица има високо ниво на пластичност и може да се подобри со соодветен тренинг. Мора да напоменеме дека ова не се однесува на оние кои страдаат од некоја болест на окото поврзана со стареењето, како на пример глауком или дегенерација на макулата. Од голема важност е за оние кои се соочуваат со намалување на визуелната обработка поради стареењето“, истакнуваат научниците.
Научниците и понатаму ќе ги проучуваат механизмите вклучени во сетилното учење за да утврдат дали визуелниот тренинг може да има ефекти врз секојдневните задачи, како што е возењето.