Нашите изгледи некогаш да стигнеме на Меркур се речиси никакви, што е штета, бидејќи погледот би бил уникатен. Меркур е најблиску до Сонцето, па од таму, нашата ѕвезда би изгледала три пати поголема отколку кога се гледа од Земјата. Секако, тешко дека би сакале да ја погледнете, зошто би ве изгорела како чкорче.
Температурата на сончевата страна на Меркур преку ден достигнува до 430 °C. Спротивно на ова, во темните кратери на половите, ноќната температура се спушта и до -180 °C.
Иако во вселенскиот простор Меркур е нашиот најблизок сосед, најмногу сознанија за оваа планета се откриени дури во последниве 5 години, благодарение на сондата „Месинџер“ на НАСА, која поминала 4 години проучувајќи ја планетата. Мисијата заврши во мај 2015 г.
Порано се сметаше дека Меркур е неинтересна изгорена карпа, но излегува дека тоа е исклучително необична планета, со насилна историја. Последните наоди одат во насока да објаснат зошто е толку чудна, а тој процес ќе помогне да се разбере зошто Земјата е таква каква што е – и што може да се очекува од другите планети во нашата галаксија.
Скоро е невозможно да се проучува Меркур од Земјата. Иако е видлива со голо око, оваа планета може да се види само околу изгрејсонце и зајдисонце и во поголемиот дел од човечката историја на неа се гледаше само како на подвижна точка на небото.
Тоа се смени откако во 1970 -тите, вселенското летало „Маринер 10“ ја посети планета. Тој направил три прелетувања помеѓу 1974 и 1975 г, но бидејќи морал да се заштити од силната топлината, направил фотографии само од едната страна каде може да се види само 45% од површината на планетата.
Се чини дека Меркур многу личи на нашата Месечина. Планетата е сива и неплодна, прекриена со многу кратери, кои се последица од експлозивни судири со астероиди и комети.
Има многу ретка атмосфера, што ги објаснува острите температурни разлики. Реткиот воздух не може да го фати поголемиот дел од сончевите зраци и да ја пренесе топлината од екваторот кон половите.
Маринер, исто така открил знаци дека Меркур некогаш бил вулкански активен, како и докази дека има магнетно поле. Но, и покрај ова, планетата и понатаму била енигма – како се формирала, како го добила магнетното поле, нешто што малите планети го немаат? Што се случувало со планетата во нејзината 4,5 милијарди годишна историја?
Пред речиси 20 години, научниците од НАСА, почнале да ја развиваат сондата „Месинџер“, која би можела поблиску да и се приближи на планетата и да ја фотографира целата нејзина површина. Во 2011 година, Месинџер конечно влегол во орбитата на Меркур.
Било планирано мисијата да трае една година, но траела четири години, а Месинџер испратил 280 000 слики. Мисијата конечно заврши во мај 2015 година, кога леталото останало без гориво. Заради неможноста да ја одржи стабилноста, зафатено од јаките гравитациони сили од Сонцето, леталото се урнало на планетата.
Најголемите откритија се поврзани со површината на планетата. Живот со сигурност нема, но, сепак е домаќин е на неколку изненадувачки работи.
Површината на Меркур
И покрај огромната температура, некои од кратерите на половите на Меркур се исполнети со смрзната вода. Во 2012 година, Месинџер ги открил овие мистериозни темни дамки, кои се постојано во сенка од Сонцето. Нешто слично може да постои и на Месечината. Слоевите од смрзната вода на половите на Меркур се покриени со мистериозна црна материја. Таа е малку потопла од мразот, дебела е 20 до 30 см. и потемна е од сѐ останато на Меркур. Можно е да е органски материјал. Тоа не значи дека е нешто живо – Меркур е премногу непогоден за тоа, туку едноставно може да се хемикалии кои содржат јаглерод. Многу објекти кои орбитираат подалеку од Сонцето, како комети и астероиди богати со вода, содржат органски материјал. Некои од нив можеби удриле во Меркур и зад себе оставиле органски наслаги. Кометите, можно е да го исфрлиле својот материјал и без директно да удрат во планетата. Други делови од планетата се многу потемни од нашата Месечина, а во анализата од 2015 г. се смета дека кометите што поминувале покрај Меркур го исфрлиле јаглеродот со кој се прекриени карпите.
Потеклото на Меркур
Најмногу од сѐ, сликите од Меркур ја изменија претставата за историјата на Меркур. Атрономите долго време мислеле дека милијарди години планетата била помалку или повеќе инертна. Сега се знае дека има експлозивно минато. Постојат мноштво докази за вулканската активност, кои оставиле трага на површината на планетата. „Месинџер“ открил вулкански отвори, долги 25 км, низ кои некогаш течела лава. Вулканската активност се одвивала до пред околу една милијарда години, што е изненадувачки скоро, бидејќи научниците сметале дека била завршена пред околу четири милијарди години.
Постојат докази дури и за постоење на поплави од лава. Порои од лава некогаш ја прекривале површината на Меркур, од кои се создале големи делови од кората. Најголема ваква поплава се случила во северниот поларен регион на планетата, сега познат како Северна вулканска рамнина. Оваа огромна вулканска рамнина зафаќа 6% од површината на Меркур.
Овие големи струи го прекриле она што некогаш претставувало големи кратери. Останати се само траги од нивните рабови.
Необично е тоа што сите рамнини се подеднакво стари, што значи дека мора сите да се формирале во исто време. Тоа значи дека енормна топлина и енормна количина на магма дошле на површината наеднаш.
Денеска Меркур не е вулкански активен, бидејќи внатрешната топлина што ги покренува вулканските активности е оладена.
Како резултат на тоа, Меркур се смалил. Пред четири милијарди години, кога кората за прв пат се зацврстила, Меркур бил 7 километри поголем отколку што е сега. Ова се претпоставуваше од сликите од „Маринер 10“, но, „Месинџер“ покажува дека Меркур се смалил многу повеќе од тоа што првично се мислеше.
И покрај тоа што се оладила, внатрешноста на Меркур се’ уште има енергија да му даде нешто што малите планети го немаат – магнетно поле.
Магнетното поле на Меркур
Меркур е единствената карпеста планета, покрај Земјата, која денес има магнетно поле – иако 100 пати послабо од Земјиното. Постојат докази дека некогаш и Марс имал магнетно поле, но со неговото ладење, исчезнало и магнетното поле.
Земјиното магнетно поле го овозможува ротацијата на нејзиното јадро – врела маса од течен метал. „Месинџер“ покажува дека и магнетното поле на Меркур се генерира на ист начин. Меѓутоа, чудно е што магнетното поле на Меркур не е во центарот на планетата, туку е поместено за 20% од својот радиус. Ова не било предвидено со ниеден претходен модел. Научниците сметале дека Меркур е помала верзија на Земјата, но излегува дека е нешто сосема различно. Овие наоди, едноставно го нагласуват нашето непознавање за магнетните полиња. Ние немаме соодветно познавање за тоа како планетите го генерираат мгнетното поле и не знаеме какво било магнетното поле на Земјата кога планетата била млада. Денешното Земјино магнетно поле е централно и научниците претпоставуваа дека отсекогаш било така, но можеби не било така, можеби повеќе личело на магнетното поле на Меркур.
Во 2015 г. тимот на „Месинџер“ открил дека магнетното поле на Меркур е прастаро и дека е активно скоро 4 милијарди години. Научниците од Универзитетот Британска Колумбија во Ванкувер, ги испитувале магнетизираните карпи од површината на планетата каде е забележана историјата на магнетното поле. Древното магнетно поле било многу посилно од современото. Можеби било еднакво силно како и денешното магнетно поле на Земјата. Можеби механизмот на неговото генерирање бил малку различен, во раните денови на планетата, што му овозможило многу појако поле, велат научниците.
Останатите светови
Како и нашата планета Земја, и Меркур е стар околу 4,5 милијарди години, а сепак тие се многу различни. Нашите други соседи – Венера и Марс, се сосема друга приказна. Истражувањата на Меркур ќе помогнат да се разбере формирањето на планетите во целина.
„Ако сакаме да откриеме како се формирала Земјата, треба да ги разбереме процесите кои довеле до создавање на планетите во нашиот Сончев систем. Во нашиот Сончев систем, слични процеси на формирање на планети довеле до многу различни резултати. Ова можеби важи и за планетите надвор од нашиот Сончев систем. Откриени се речиси 2 000 „егзопланети“, а се проценува дека може да има уште неколку илјади. Ако успееме да ги откриеме правилата како се формирани планетите, ќе може да правиме научни претпоставки каква е секоја посебна планета“, велат научниците.
На пример, Земјата е поделена во мозаик од подвижни плочи, додека Меркур е планета со една плоча, затоа што Земјата има поголема внатрешна енергија од Меркур, која ги поместува плочите. Затоа на Земјата се’ уште има вулкани и земјотреси и севкупно е поактивна. Ако некоја егзопланета има доволно енергија да ги раздвои плочите, поверојатно е дека наликува малку на Земјата, ако не,тогаш може да наликува на Меркур.
Според научниците, Меркур би можел да претставува архетип за планетите со една плоча од другите сончеви системи, така што би можеле да ја разбереме нивната геолошка историја врз основа на она што денес го гледаме на Меркур.
Со други зборови, ние не го проучуваме само Меркур. Со неговото проучување, всушност би можеле да се проучуваат илјадници други планети.