Витаминот Ц ни помага да се заштитиме од настинки и вируси, а според едно ново истражување и од рак.
Новото истражување, објавено во „Redox Biology“, не само што ја потврдува способноста на витаминот Ц да се бори против ракот, туку и открива што го прави опасен за клетките на ракот, а не и за здравите клетки.
Истражувачите од Универзитетот во Ајова откриле дека витаминот Ц се распаѓа лесно, при што создава водород пероксид, реактивен вид на кислород кој предизвикува оштетување на ткивата и на ДНК. Според новото истражување, клетките на ракот се многу помалку способни за отстранување на овој штетен водород пероксид, отколку нормалните здрави клетки, поради што се многу поподложни на оштетување или изумирање од штетниот водород пероксид отколку здравите клетки. Како резултат на тоа, научниците веруваат дека големите дози на витамин Ц внесени интравенски, би можеле да помогнат во борбата против ракот кога би се користеле заедно со стандардните третмани на хемотерапија и зрачење.
Според истражувањето, високите дози на витамин Ц внесени интравенозно, може да го заобиколат стомакот, при што поголем дел од хранливите материи ќе влезат во крвотокот.
Истражувачите планираат да го тестираат ова на пациенти со рак на панкреасот и на белите дробови, во комбинација со стандардната хемотерапија или зрачење, за да видат дали ќе има некакво подобрување и се надеваат дека еден ден, високите дози на витамин Ц може да станат стандарден третман за рак, кој ќе им понуди на пациентите побезбеден и поефективен начин за да се борат со оваа болест.