Ин витро оплодување но без употреба на лекови

Конечно е направен значаен чекор кон поевтино и побрзо ин витро оплодување без употреба на лекови.

Конвенционалната ин витро фертилизација (ИВФ) вклучува примање на хормонски инјекции околу 10 дена за да се стимулира овулација (созревање) на јајце клетките. Овие јајце клетки потоа хирушки се собираат и се оплодуваат со сперма во лабораториски услови, за да се создадат ембриони кои се имплантираат во матката на жената.

Милиони бебиња се родени благодарение на ИВФ, но хормонските инјекции се непријатни, можат да предизвикаат сериозни несакани ефекти и се скапи. „Околу половина од трошоците при ин витро оплодувањето ја сочинува цената на лековите“, вели Вилијам Леџер од Универитетот Нов Јужен Велс во Австралија.

Друга алтернатива е да се земат јајце клетките од жената додека сѐ уште не се во овулација, а овулацијата да се стимулира во лабораторија, пред тие да се оплодат. Оваа техника која се нарекува ин витро матурација (ИВМ) е помалку успешна, со стапка на успешно оплодување што изнесува половина од ИВФ. До минатата година со помош на оваа метода се родени само околу 400 бебиња во целиот свет.

Но сега, научниците од Универзитетот Нов Јужен Велс пронашле начин да го зголемат бројот на ембриони продуцирани преку ИВМ за 50 проценти. Тоа го постигнале преку комбинација на двата фактори за раст кои го стимулираат созревањето на јајце клетките, во едно соединение.

Под дејство на ова соединение – наречено  кумулин, јајце клетките подобро созревале отколку кога двата фактори за раст биле користени како одделни компоненти. После охрабрувачките резултати што биле добиени кај свињи, научниците направиле тестирање на 370 хумани јајце клетки, а резултатите покажале дека успехот во оплодувањето со ИВМ се зголемува помеѓу 40 и 61 отсто.

Оваа техника е исто така и побрза од стандардното ин витро оплодување, за коешто  обично е потребно време од еден месец да се заврши еден третман. Со ИВМ, пет дена после еден мал хируршки зафат, веќе имате ембрион кој може да се врати во матката – велат научниците.

IVF

Научниците сѐ уште не имплантирале ембрион добиен на овој начин кај жена, но се надеваат дека клиничките тестирања ќе ги започнат идната година. Но, пред тоа мора да извршат тестирања за да се утврди дали ембрионите создадени на овој начин се здрави. Постои можност факторите за раст да имаат влијание врз гените и да го зголемат ризикот од појава на некои болести.

Сепак, доколку методата се покаже успешна, ова би можело да претставува иднината на репродуктивната медицина, каде што ќе се избегне потребата од скапите лекови кои можат да имаат штетно дејство врз мајката и потомството.

Резултатите од истражувањето биле претставени на конференцијата на Здружението за репродуктивна биологија во Квинсленд.

Поддржете ја нашата работа: