По три годишна потрага на околу 1500 метри под земјата, во еден поранешен рудник за злато во Лид, Јужна Дакота, како дел од експериментот „LUX“ кој има за цел да ја детектира темната материја, научниците објавија дека не успеале да детектираат ништо.
Темната материја, која сочинува околу 27% од масата и енергијата во видливиот универзум, никогаш не е директно забележана. Нејзиното постоење е заклучено од нејзините гравитациски ефекти, а последните истражувања дури и ја поврзуваат оваа мистериозна форма на материјата со постоењето на црните дупки.
Експериментот „LUX“ е еден од вкупно трите експерименти кои се во потрага по темната материја. Вториот се одвива на Меѓународната вселенска станица, а третиот се обидува да ја создаде со помош на Големиот хадронски судирач – најголемиот и најмоќниот акцелератор на честички во светот, кој исто така го откри Хигсовиот бозон.
Научниците испитувале повеќе од 1500 метри во длабочина во нивната потрага по природна радијација или поточно по масивни честички со слаба интеракција кои се наречени „WIMPs“ (анг. weakly interacting massive particles), кои всушност претставуваат најдобрите хипотетички честички-кандидати за темната материја. Тоа што научниците не успеале да ги детектираат со овој експеримент значи дека можеби треба да почнат да разгледуваат алтернативни можности.
Се смета дека стотици милиони честички од темната материја поминуваат низ Земјата секоја секунда, но нивната слаба природа ги прави исклучително тешки за детектирање. Сепак, научниците не се откажуваат и ќе продолжат со идни истражувања и експерименти за да дознаат од што е составена темната материја.