Министерот за здравство во Зимбабве, Обадиа Мојо, рече дека во Хараре е прогласена вондредна состојба поради колера, бидејќи веќе 20 лица умреле од истата болест.
Колерата е акутно, инфекциско заболување.
Колерата ја предизвикува Vibrio cholerae во два биотипа – класичен и El Tor. Вториот тип може да преживее подолго во природа, може да предизвика субклинички случаи, има подолг период на фекална екскреција од организмот и може да се пренесува од случај на случај или преку вода и храна.
Vibrio cholerae го колонизира тенкото црево и произведува моќен ендотоксин кој се врзува за ГМИ – ганглиозиден рецептор на клеточната мембрана со помош на врзувачки единици. Активните подединици на ендотоксинот влегуваат во клетката и ја активираат аденил циклазата. Ова резултира со акумулација на цикличен АМП, кој стимулира активна секреција на јонски соли, хлориди, фосфор и HCO3 а со нив и вода. Резултатот најчесто е дијареа, но може да заврши и со смрт.
Воглавно, лекувањето се состои во терапија за рехидрација. Со помош на ваква терапија смртноста кај случаите заболени од колера е намалена на помалку од 1%. Најчесто, рехидрацијата е орална но кај колабирани пациенти се применува и интравенозна рехидрација.
Сепак, бројот на починати лица во Хараре го поттикна стравот кај населението од повторна епидемија, како што беше случајот во 2008 година, кога изумреа повеќе илјади лица, додека земјата се соочуваше со тешки економски проблеми.
Водоводот и канализацијата во Зимбабве се во лоша состојба.
Мојо вели дека колерата се шири и во другите делови на земјата, со оглед на тоа дека веќе се заболени повеќе од 2000 лица.
Жителите во одредени предградија на Хараре со месеци немаат чиста вода од чешма, поради што се принудени да копаат бунари, кои се заразени со непрочистени отпадни води од канализацискиот систем.
УНИЦЕФ во соопштението вели дека помага колку што може преку доставување на хигиенски производи и вода.