Германскиот авиовселенски центар (или ДЛР) одлучи дека е време да му кажеме збогум на лендерот Фили, бидејќи заради условите на кометата „67P/ Чурјумов-Герасименко“ станува сѐ потешко повторно да се воспостави контакт со него.
Иако лендерот им обезбеди на истражувачите изобилие од податоци – со вкупно 60 часа истражување, неговото патување беше проследено со многубројни проблеми. Првиот дојде при обидот Фили да слета на површината на кометата. За време на својот 10-годишен пат и 510-милиони километри долгата авантурата низ вселената, неговиот систем за спуштање откажа, што го принуди да се сруши во мрачен дел, со што беше оневозможено адекватното полнење на соларните батерии.
Покрај тоа, на локацијата каде што слета, температурата ноќе паѓа до -180 степени Целзиусови, што е многу постудено од температурата за која Фили беше дизајниран.
Без доволно светлина и со температура што полека почна да ги оштетува неговите инструменти, истражувачите почнаа да ја губат и врската со Фили. Иако понекогаш врската повторно се воспоставуваше и после неколку месеци откако ќе се прекинеше, после неговата последна трансмисија во јули 2015 година, лендерот повеќе не испраќа сигнали.
Според ДЛР, мала е веројатноста Филе повторно да излезе од хибернација, па затоа решиле да престанат со обидите да воспостават контакт со него. Сепак, системот за комуникација на Фили ќе остане вклучен додека не се потроши целета енергија. Ова значи дека тој може преку него да испрати сигнал, иако веројатноста за тоа е исклучително мала.
Иако кариерата на Фили е завршена, Розета – сондата од Европската вселенска агенција што го однесе Фили до кометета „67P/ Чурјумов-Герасименко“, ќе продолжи да орбитира.
Ова е тажна вест за истражувачите во целиот свет, а и за јавноста која се вљуби во овој мал херој, кога во 2014 година почна редовно да „твитува“ за својата мисија.