Јонгшенг Чен од Универзитетот „Нанкаи“ во Кина, заедно со своите колеги, истражувал дали јаглеродот во поголеми количини може да задржи некои од својствата. Тие објавиле детално истражување за „сунѓер од графен“ – мек материјал направен преку спојување на згужвани слоеви од графен оксид. Додека го сечеле сунѓерот со ласер, забележале дека светлината го движи материјалот. Потоа поставиле парчиња од сунѓерот во вакуум и ги осветлиле со ласер со различна бранова должина и интензитет. Успеале да ги поместат парчињата до 40 см. во висина. Дури успеале да ги поместат и со фокусирање на сончевата енергија.
Како се случува ова движење? Едно објаснување е дека материјалот се однесува како соларно едро. Фотоните го префрлаат импулсот на објектот и го буткаат нанапред, а во вакуумот на просторот овој мал ефект може да создаде доволно сила за да се помести вселенско летало. Минатата недела, Планетарното здружение во Пасадена, Калифорнија, лансираше мало соларно едро за да ја тестира технологијата, но силата која што се создала била премногу голема за да потекнува само од фотоните.
Така, научниците сметаат дека графенот ја апсорбира енергијата од ласерот и создава полнеж на електроните. Кога повеќе нема да може да апсорбира енергија, се ослободуваат екстра електрони кои го буткаат сунѓерот во спротивната насока. Иако не е јасно зошто електроните не се движат случајно (на сите страни), научниците успеале да докажат дека се ослободува струја од графенот кога е изложен на ласер, со што се потврдува хипотезата.
Сунѓерот од графен може да се користи за изработка на погонски систем за вселенски летала кој ќе се напојува од светлина. „Најдобрата ракета е онаа која нема потреба од гориво“, истакнуваат научниците. „Летало кое ќе се напојува од графен е интересна идеја, но губењето на електрони значи дека ќе се создаде позитивен полнеж која мора некако да се неутрализира за да не предизвика штета“, заклучуваат истражувачите.