За подобри резултати – дремнете пред испит

Кога сте пред испит, веројатно губењето на време во спиење изгледа како лоша идеја, но една нова студија укажува дека дремката пред испит е дури подобра од повторување на материјалот.

Иако не се потполно сигурни зошто е тоа така, истражувачите сметаат дека ова е поврзано со начинот на кој спиењето ја зајакнува меморијата, додека интензивното учење пред испит не е ефикасно за долгрочното помнење.

Истражувачите од Медицинската школа „Duke-NUS“ во Сингапур регрутирале 72 доброволци кои требало да учат непозната тема 80 минути. Учесниците биле поделени во три групи и можеле да бираат што ќе прават во следниот час – дали ќе гледаат филм, да дремнат или да ја повторат лекцијата, пред да поминат уште 80 минути со нова лекција на истата тема.

После втората лекција, учесниците биле тестирани за тоа што го научиле, при што најдобри резултати постигнале тие што избрале да дремнат.

И во повторениот експеримент една недела подоцна, истите учесници повторно постигнале најдобар резултат, иако истражувачите признаваат дека малата предност на тие што спиеле, во однос на тие што интензивно учеле пред тестот, не е статистички значајна.

Друг интересен податок е дека иако на првиот тест тие што интензивно учеле постигнале подобри резултати од тие што гледале филм, во вториот тест тие покажале речисти исти резултати.

„Ова може да укажува дека интензивното учење пред испит дава добри резултати на краток рок, но на долг рок користа не е многу голема“ – вели водачот на истражувањето Џејмс Кузинс за „New Scientist“.

Неговиот совет за студентите е едноставен „Не се оптеретувајте само со интензивно учење пред испит – дремката пред испит е подеднакво добра“– вели тој.

Сепак, со оглед на малиот број учесници, како и малата разлика кај некои од резултатите, истражувачите признаваат дека не би требало да се извлече дефинитивен заклучок од ова истражување и нагласуваат дека е потребно да се направи поголема студија со повеќе учесници за да може се потврдат овие резултати.

Ова значи дека врската помеѓу спиењето и подобрената меморија е веќе утврдена, додека интензивното учење како форма на плитка обработка на информации е потврдено дека функционира само за краткорочното сеќавање.

un33m

Едно истражување од 2015 година, каде учесниците  биле тестирани да измислуваат зборови, покажало дека спиењето речиси двојно ги зголемило шансите луѓето да се сетат на она што не можеле пред да преспијат.

Едно бразилско истражување од минатата година покажува дека спиењето помага и да се зајакне и да се намали врската помеѓу синапсите во мозокот, очигледно со цел да се ослободиме од помнење на она што не ни е потребно, а да го здржиме тоа што ни треба.

Во секој случај, важно е да не се намали спиењето за да се добие повеќе време за учење, затоа што нема да постигнете добри резултати ако не сте добро одморени.

Новото истражување, иако мало, додава тежина на аргументот дека дремката или ни помага да се сетиме на она што сме го научиле или не прави поспремни за понатамошно учење.

Со други зборови, пред да го замените учебникот со добра перница сетете се дека дремката во текот на учењето ќе ви користи само ако спиењето го комбинирате со периоди на темелно учење.

Што се однесува до Кузинс и неговиот тим, тие велат дека воопшто не се сомневаат дека попладневната дремка е најдобар начин да останат фокусирани на нивната работа.

„Ние го правиме тоа и во нашата лабораторија“ – вели Кузинс.

Наодите се презентирании на годинешното заседание на „Society for Neuroscience“, минатата недела.

Поддржете ја нашата работа: