Се чини дека ние се’ уште не разбираме како социјалните мрежи влијаат на нашите животи и емоции. Фејсбук, Твитер и другите слични сајтови ни овозможуваат масовно и инстантно да ги видиме активностите на нашите пријатели, а едно ново истражување сугерира дека тоа не е добро за нас.
Во истражувањето спроведено од страна на Институтот за истражување на среќата од Данска учествувале нешто повеќе од илјада доброволци. Половина од нив продолжиле нормално да ја користат најголемата социјална мрежа на светот – Фејсбук, а половина се дистанцирале најмногу што можат.
После една недела, 88% од оние коишто се откажале од Фејсбук, изјавиле дека се чувствуваат среќно, во споредба со 81% од оние кои редовно ги проверувале новостите. И не е тешко да се погоди причината за тоа – завист. Завидување на животите на другите луѓе, дури и покрај тоа што Фејсбук ни претставува една изменета и дотерана верзија на она што навистина се случува.
„Наместо да се фокусираме на она што ни треба, ние имаме несреќна тенденција да се фокусираме на она што другите луѓе го имаат“, велат авторите на истражувањето.
Лицата кои се откажале од Фејсбук, исто така изјавиле дека се чувствуваат повеќе ентузијастички, помалку осамени, помалку загрижени, порешителни и поконцентрирани. Покрај тоа, тие поминувале повеќе време со фамилијата и пријателите лице в лице.
Нашите мозоци се’ уште се прилагодуваат на ефектите на животот раководен од паметните телефони, од кои социјалните медиуми претставуваат само еден дел. Психолозите тукушто почнуваат да ги разбираат ефектите на долгорочен план (верувале или не, Фејсбук е само 11 години стар).
Следно, научниците сакаат да ги испитуваат ефектите на откажувањето од Фејсбук во текот на една цела година, се разбира доколку најдат доволно доброволци за тоа.