За прв пат – На Марс детектиран елементот бор

Роверот „Curiosity“ на Марс открил постоење на елементот бор, што укажува дека во одреден момент на Црвената планета имало подземни води погодни за живот.

Елементот бор претставува хемиски „потпис“ на вода што испарила. И покрај тоа што сѐ уште не се знае дали на Марс постоел живот, ова откритие е уште еден доказ дека на планетата некогаш имало многу вода, а со тоа и услови за живот.

Локацијата на откритието укажува дека подземната вода во која е откриен борот била топла и погодна за опстанок на микробиолошки живот.

„Доколку елементот бор што го откривме во калциум сулфатните минерални вени на Марс е сличен на оној на Земјата, тоа би индицирало дека подземните води на древниот Марс кои ги формирале овие вени би требало да бидат со температура од 0 до 60 степени Целзиусови и неутрална до алкална РН –средина“- вели Патрик Гаста член на истражувачкиот тим од Националната лабораторија Лос Аламос во Ново Мексико.

„Curiosity“ го открил борот на својата патека на падината на планината Шарп, која се наоѓа во кратерот Гејл. Минералот бил идентификуван со помош на ласерскиот инструмент што се наоѓа на роверот наречен хемија и камера.

Елементот бор на Земјата се поврзува со места каде некогаш имало многу вода, која подоцна испарила – како што е Долината на смртта во Калифорнија.

Ова не мора да е случај на Марс, но научниците сметаат дека борот бил растворен во големо езеро кое некогаш го исполнувало кратерот Гејл. Откако езерото пресушило, борот навлегол подолу во подземните води.

Ќе бидат потребни дополнителни тестирања за да се утврди зошто борот се наоѓа конкретно на ова место, но научниците имаат две хипотези.

Можно е пресушувањето на езерото Гејл да резултирало со депозити со многу бор во покривниот  слој до кој „Curiosity“ сѐ уште не стигнал, или можеби со промената во хемискиот состав на депозитите што содржат глина и подземните води се променил и начинот на кој борот се пренесувал во локалните седименти, па затоа не се наоѓа насекаде каде што некогаш имало вода.

boron_web_1024

Наодите се презентирани на Американската унија за геофизика во Сан Франциско, минатата недела. Сѐ уште не се објавени во рецензирано научно списание, а научниците треба да направат уште анализи од примероците пред тоа.

Сепак, откритието е извонредно возбудливо. Додека се искачува на планината Шарп,  роверот „Curiosity“ вршејќи бушења на секои 25 метри открива докази за промена на составот на карпите, што укажува на менување на езерата и влажните подземни средини на древниот Марс.

„Гледаме голема хемиска комлексност што индицира на долга историја на интеракција во водата. Колку е покомплексен хемискиот состав, толку е подобро за постоење на живот. Борот и глината ја нагласуваат подвижноста на елементите и електроните, што е добро за живот“- велат научниците.

Без фактички да најдеме докази дека постоеле древни микроорганизми, нема да може со сигурност да се каже дека на Марс некогаш имало живот. Но со секое ново откритие се чини сѐ повеќе веројатно дека барем постои таква можност.

А, ако можеме да откриеме дали се формирал живот на Марс или не, ќе може да добиеме и некаков увид во најосновната човечка мистерија: зошто – како што изгледа, сме сами во Универзумот?

Поддржете ја нашата работа: