Научниците идентификуваа нов вид на ѕвезда што досега се сметаше за хипотетичка – античко сонце кое постои толку долго време што неговиот надворешен слој речиси целосно е составен од чист кислород.
Обично, кога релативно малите ѕвезди се доближуваат до крајот на својот животен век, тие стануваат бели џуџиња. Поради големата гравитација, најтешките елементи паѓаат во густото јадро на ѕвездата, а полесните како водородот и хелиумот се креваат на површината.
Но, научниците открија ѕвезда, наречена „SDSS J124043.01+671034.68“ кај која нема траги од водород и хелиум и чиј надворешен слој на атмосферата е составен од 99,99% кислород и мали траги од други елементи како неон, магнезиум и силициум.
Научниците се збунети и се прашуваат што се случило со другите елементи?
Одговорот не е јасен, но астрономите веќе долго време шпекулираат дека е возможно со текот на времето да се отстранат елементите од површината на една ѕвезда. Доколку навистина се случило тоа кај оваа ѕвезда, тогаш ова се првите докази за овој феномен.
Никој не знае со сигурност како може елементите да се отстранат, но научниците имаат неколку идеи. Можно е оваа ѕвезда да е дел од бинарен систем, па интеракциите со другата ѕвезда на некој начин да ги отстраниле другите атмосферски елементи или пак огромен млаз од јаглерод да избил од јадрото и ги елиминирал полесните елементи на површината.
Ништо не е сигурно и нема да биде се’ додека не дознаеме нешто повеќе за овој редок вид на ѕвезди. Во секој случај, оваа ѕвезда е единствена од ваков вид, односно единствена помеѓу 32 илјади познати бели џуџиња со ваква беспрекорна атмосфера од кислород.
Наодите се објавени во „Science“.