Со помош на клеточно репрограмирање, научниците успеале за прв пат да го успорат процесот на стареење кај животни.
Била користена техника на индуцирани плурипотентни матични клетки (иПМК), кои им овозможуваат на научниците да ги репрограмираат клетките од кожата до базичните клетки, слични на ембрионалните. Од, иПМК може да се развијат друг тип на клетки во телото, а сега научниците покажале дека со репрограмирање на тие клетки може да дојде до подмладување
Техниката со индуцирани плурипотентни клетки е развиена од јапонскиот научник Шинја Јаманака во 2006 година кога открил дека диференцираните клетки можат да се вратат назад во фаза слична на рани ембрионални клетки, преку поттикнување на експресијата на четири гени, кои сега познати како Јаманака фактори.
Иако се чини дека репрограмирање на клетките до оваа фаза би можело да доведе до подмладување на организмот, тоа може да доведе и до опасни компликации. Во 2013 и 2014 година истражувачите откриле дека воведувањето на иПМК во животни резултира со појава на канцер или откажување на органите, заради тоа што возрасните клетки го губат својот идентитет.
„Очигледно постои логика во ова. Со иПМК го ресетирате часовникот за стареење и го враќате назад кон нула. Веројатно не би сакале да се вратите на нула, во ембрионална фаза, па затоа прешањето е до каде назад би сакале да одите“- вели Волф Реик од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија за „The Guardian“.
Имајќи го ова предвид, научниците од Салк се обиделе да направат делумно репрограмирање. Наместо да индуцираат експресија на Јаманака во период до три недели – што води до плурипотентност, тие направиле индукција на гените само два до четири дена.
Тоа значи дека клетките ја задржуваат својата диференцијација – т.е. клетките од кожата остануваат исти клетки и не се враќаат назад до фаза на матични клетки, туку ефикасно стануваат помлада верзија на самите себе.
Научниците сметаат дека со делумното репрограмирање ќе се отстранат епигенетските маркери од клетките, кои се таложат во нашиот геном како одговор на влијанието на животната средина и надворешните фактори.
Со време, овие маркери стануваат сѐ поизразени, ја намалуваат ефикасноста на клетките и придонесуваат за она што ние го доживуваме како стареење. Научниците ова го споредуваат со ракопис кој со време станува нерзабирлив бидејќи е корегиран со многу други различни ракописи.
Иако засега ова останува на ниво на хипотеза, експериментите што ги направиле научниците укажуваат дека можеби се на вистинскиот пат.
Во експериментот спроведен на глувци кои боледувале од прогерија – ретко генетско заболување каде доаѓа до предвремено стареење, животните кои добиле третман со делумно репрограмирање, живееле во просек 24 недели, додека нетретираните глувци со истата болест само 18 недели.
Покрај продолжување на животот, кај третираните животни било забележано и подобрување на здравјето на кардиоваскуларниот систем и функцијата на органите.
Кога истиот третман бил применет на здрави глувци без прогерија, и кај нив било забележано подобрување на здравјето на органите, но сѐ уште е рано да се каже дали третманот има влијание на нивниот животен век, бидејќи животните сѐ уште се живи.
Иако резултатите се охрабрувачки, рано е да се каже до кој степен ова ќе може еден ден да се примени на луѓе. Научниците се надеваат дека со селективна индукција на Јаманака факторите ќе се постигнат слични ефекти и кај луѓето.
Тие сега работат на развој на молекули кои ќе можат да ги имитираат Јаманака факторите, со фокус на подмладување на одредени ткива и органи.
Медикаментите нема да бидат достапни утре, но од друга страна не изгледа и дека се премногу далеку.
„Овие хемиски супстанции би можеле да се внесуваат преку креми или инјекции за подмладување на кожата, мускулите или коските. Сметаме дека клиничките тестирања на луѓе би можеле да започнат во следните 10 години“- велат истражувачите за „The Guardian“.
Наодите се објавени во „Cell“.