За прв пат – Научниците снимија раѓање на црна дупка?

За прв пат во историјата, еден тим на астрономи најверојатно сними раѓање на црна дупка, на оддалеченост од околу 20 милиони години од Земјата.

Научниците веќе долго време сметаат дека црните дупки се формираат кога суперџиновските ѕвезди се распаѓаат, а новите податоци од телескопот Хабл може конечно да ја потврдат оваа хипотеза.

Тимот на астрономи, предводени од Кристофер Кочанек од Државниот универзитет во Охајо, го откриле формирањето на црната дупка додека ги разгледувале претходно собраните податоци од телескопот Хабл, конкретно од суперџиновската ѕвезда позната како „N6946-BH1“. Оваа ѕвезда е околу 25 пати помасивна од нашето Сонце и првично е забележана во 2004 година, но оттогаш Хабл го следи нејзиното движење и активност.

Според податоците од Хабл, оваа ѕвезда блеснала во 2009 година кога станала 1 милион пати посветла од нашето Сонце, пред полека да избледе. Сега, повеќе не емитува видливи бранови должини на светлина, па астрономите се сомневаат дека предизвикала раѓање на црна дупка.

Хипотезата е дека „N6946-BH1“ се распаднала во последниве години, а тој блесок од 2009 година бил резултат на нејзиното ослободување на неутрини. Тоа би предизвикало намалување на гравитационата сила на ѕвездата, што би им овозможило на електроните повторно да се поврзат со водородните јони кои лебдат околу нив – процес кој би резултирал со раѓање на црна дупка.

Ако ова сценарио е точно, тоа значи дека Хабл за прв пат сними раѓање на црна дупка, иако се потребни понатамошни истражувања за сето тоа да се докаже.

Научниците планираат да продолжат со набљудувања со помош на два моќни телескопи – Хабл и опсерваторијата Чандра, па очекуваме да ги соберат податоците кои им се потребни за да ја потврдат или отфрлат оваа хипотеза.

Новите откритија се’ уште не се рецензирани, но може да ги прочитате на „arXiv.org“.

Поддржете ја нашата работа: