Се проценува дека денес во дивите предели се останати помалку од 100 Суматрански носорози и никој нема видено ниеден ваков носорог во неговото природно живеалиште повеќе од четири децении. Но, минатата недела на Борнео, Индонезија, конзерваторите успеале да уловат една женка Суматрански носорог, што значи дека таа може сега да биде заштитена од ловокрадци, а потенцијално и да се оплодува.
Суматранскиот носорог, познат и како Азиски дворог носорог, е еден од најмалите носорози во светот, но сепак има голема тежина која се движи помеѓу 500 и 1000 килограми.
Телото на овој носорог е покриено со црвенкасто-кафеаво крзно, по што го добил и прекарот „влакнест носорог“.
Нивниот број рапидно се намалил во последните децении како последица на губење на нивното природно живеалиште, како и на ловокрадството. Се проценува дека се останати отпрлика стотина единки, за кои се смета дека се кријат во шумите на Калимантан на Борнео и на островот Суматра. Истражувачите сметаат дека тие се поделиле во три одделни популации, од кои едната во текот на последната деценија доживеала критично намалување од околу 70 проценти.
Во август 2015 година, овој вид беше прогласен за изумрен во дивите предели на Малезија и сега постојат само девет единки во неколку зоолошки градини во светот.
Иако истражувачите откриле знаци за овој носорог преку поставени камери, или отисоци од стопалата и изметот, сѐ до минатата недела тоа биле единствените показатели за нивното постоење, од последниот контакт што човекот го имал со овој вид во 1970-тите години.
Се проценува дека женката е стара помеѓу четири и пет години и сега ќе биде вдомена во еден резерват кој е оддалечен околу 100 км од местото каде е откриена. Како што Симон Стјуарт, експерт во Меѓународниот сојуз за заштита на природата истакнува за „The Guardian“, локацијата на новиот дом на женката (како и местото каде е заробена), се чуваат во строга тајност, бидејќи ваквите објави во минатото биле користени од страна на ловократците за пронаѓање и ловење на носорозите.
Следниот чекор е да се откријат што повеќе Суматрански носорози во областа. Од сликите добиени од поставените камери, истражувачите идентификувале уште 15 единки и сега треба да откријат како да ги пронајдат и да се обидат да ги оплодат. Женките од овој вид треба редовно да се оплодуваат, во спротивно развиваат тумори кои ги прават неплодни.
Времето ќе покаже дали Суматранскиот носорог ќе може да се спаси, бидејќи во оваа фаза истражувачите дури не се ни сигурни дека ги има доволно за да започнат реална програма за оплодување што ќе ги врати овие носорози од работ на исчезнувањето.
Но ова извонредно откритие на оваа единствена прекрасна женка е единствената шанса што ја имаме за речиси половина век, па тоа е секако причина за малку надеж.