Еден антисептик што се користел во болниците за време на Првата светска војна, би можел повторно да се врати во употреба како превентива за настинките, но и како клучен фактор во борбата против отпорноста кон антибиотиците – една од најголемите закани по глобалното здравје.
Овој едноставен антисептик се нарекува Акрифлавин и се добива од катран од камен јаглен. Доаѓа во форма на прав со црвено-кафеава или портокалова боја. За прв пат како антисептик бил употребен во 1912 година како превентива од инфекција на отворени рани и бил масовно користен за лекување на рани. Масовно бил користен во болниците и домовите за третирање на многу состојби – од уринарни инфекции до гонореа, сѐ до 1940-тите, кога бил заменет со пеницилинот.
После 70 години откако пеницилинот стана најважното средство за борба против инфекциите, се чини дека неговите денови се избројани. Многу од најсмртоносните патогени успеале да мутираат во форми кои се отпорни на лековите на база на пеницилин, па сега бактериската отпорност на антибиотиците е причина за околу 700.000 смртни случаи годишно ширум светот.
Покрај супер отпорната „MRSA“ (метацилин резистентен стафилококус ауреус), експертите се загрижени дека и гонорејата станува отпорна на постоечките антибиотици, а веќе се појавија и отпорни врсти на туберкулоза, пневмонија и ешерихија коли. Доколку наскоро не се најде соодветна замена за пеницилинот, се предвидува дека бактериите отпорни на антибиотици би можеле да убиваат 10 милион луѓе секоја година до 2050 година.
Поради ова, истражувачите од Институтот за медицински истражувања Хадсон во Австралија, повторно се навратиле на лекот кој покажал голем успех на почетокот на 20-тиот век, бидејќи никој досега не истражувал како тој всушност делува.
Тие направиле истражување на неговото дејство на култури од човечки клетки и откриле дека тој се врзува за ДНК од пациентот и го активира имунолошкиот систем кога ќе се случи вирусна инфекција.
Во исто време, антисептикот се врзува и за вирусната ДНК во организмот, успорувајќи го на тој начин ширењето на вирусот додека имунолошкиот систем се подготвува.
Кога истражувачите го испитале ефектот на лекот врз вирусите на настинка во ткиво од човечки бели дробови, откриле дека клетките кои биле третирани со Акрифлавин три дена пред инфекцијата покажале побрз имун одговор на вирусот, а вирусот се ширел многу побавно низ овие клетки, отколку во контролната група.
„Како пациент ова значи дека доколку дојдете во допир со вирус, не би се чувствувале многу болни и би се опоравиле од инфекцијата побрзо“- вели Мајкл Гантиер, член на истражувачкиот тим.
Резултатите укажуваат дека лекот би можел да се вдиши во мали дози како превентивен третман за пациенти кои се изложени на голем ризик да бидат заразени со одреден вирус или за граѓани кои се загрозени од вирусни епидемии.
Иако Акрифлавин го тестирале како делува само на вирусни инфекции, Гантиер вели дека е многу веројатно тој да делува на ист начин и на бактериските инфекции, па дури и на тие што се отпорни на антибиотици, бидејќи воопшто не е сличен на пеницилинот.
Истражувачите допрва треба да направат клинички испитувања за да се тестира ефикасноста на антисептикот врз актуелните вирусни и бактериски инфекции, но очекуваат добри резултати, а фактот дека лекот моментално се користи во земјите во развој затоа што е евтин, значи дека нема да имаат проблеми да добијат дозвола да ги надгледуваат неговите ефекти врз третираните пациенти.
Истражувањето е објавено во „Nucleic Acids Research“.