Запознајте ги пирозомите

Ви се чини ли понекогаш дека не сте добро координирани? Тогаш, замислете си само каков би бил животот да сте дел од огромна колонија од мали единки во која сите мора да работат исто, во исто време.

Токму тоа се случува кај огромните, слободно движечки колонии од морски безрбетници што се нарекуваат пирозоми. Тие мора да се движат заедно за да можат да обезбедат колонијата да се храни и да се движи во вистинска насока. Бидејќи немаат никакви заеднички нерви, за да се движат истовремено тие користат светлосна сигнализација. Пирозомите се биолуминисцентни – емитираат светлина што може да се види и од далечина.

Пирозомите се состојат од стотици или илјадници единки кои се нарекуваат зооиди. Целата колонија потекнува од една единка. Зооидите се спојуваат заедно, како што колонијата расте во концентрични кругови од затворен тип или како уста која постојано се отвора. Кога колонијата е мала личи на мрежа од пеперутки. Како што се издолжува, станува како огромен црв и може да достигне должина како еден кит.

Зооидите се размножуваат со клонирање, па така колонијата може да ги регенерира оштетените делови и теоретски вечно да живее, намалувајќи се и растејќи во зависност од достапноста на храната и физичките препреки.

Огромни, но невидливи
Овие огромни светлечки црви, се’ уште претставуваат енигма. Многу малку луѓе навистина успеале да ги видат и затоа тие често се предмет на анегдоти. Некои нуркачи велат дека овие колонии се меки како пердуви, додека други тврдат дека се доволно јаки да уловат и удават пингвин.

Зошто овие неверојатни суштества толку ретко може да се видат? Според научниците, тоа не е затоа што пирозомите се ретки, туку делумно затоа што тие поголемиот дел од денот го поминуваат во големите длабочини во океаните, а делумно затоа што не се бараат на вистинското место. Ако погледнете на вистинско место ќе видите вистинско изобилство од колонии.

Светлосни сигнали
Движењето и исхраната  на овие колонии е заеднички напор и целиот пирозом  изгледа како огромен систем за филтрирање. Секој зооид ја повлекува водата внатре во колонијата и повторно ја исфрла надвор. На овој начин тие се хранат, но создаваат и еден вид на млазен погон кој им овозможува контрола на насоката на движење.

Затворањето на овој пропулзивен систем и овозможува на колонијата да се нурне на безбедна длабочина за да избегне опасност. Вообичаено се наоѓаат на длабочина од 500 до 700 метри, но пронајдени се и на длабочина од 3.000 метри. Бидејќи се соостојат од огромен број на ситни зооиди, координацијата на овие движења не е лесна. Тука стапува на сцена „светлечкото шоу“ на пирозомите. Кога ќе се допрат до некој надворешен објект, пирозомите почнуваат да светат како Новогодишна елка – во црвена или бела боја во зависност од видот. Кога светлото ќе блесне, тие ги гасат „моторите“. Кога ќе почне да светка црвено светло – време е да се нурне.

Поддржете ја нашата работа: