Во овие времиња кога информацијата го движи светот нашиот Велес, па и Куманово може да се пофалат како ретките градови во Македонија што успеваат да носат свежи девизи во нашата економија качени на возот на употребата на новите медиуми и навики, затоа „ Браво “.
Иако работата што ја прават „ Велешките фабрики за вести “ не е ништо поразлично од тоа што го работат дури и светските најпопуларни медиуми, едноставно како и за повеќето револуционерни промени во светот Македонија секогаш ја има таа среќа или несреќа да биде пример.
Во прилог е текст првично објавен на сајтот на Ал Џазира Балканс и е адаптиран од авторот Даниел Евросимоски за Радио МОФ во кој можете подобро да се запознаете со „ Велешките фабрики за вести “ :
„Ова е големо! Луѓе се дебело платени да протестираат против Трамп“
„СНН и АБЦ со лажни анкети ги убедуваат Американците дека Трамп е непопуларен“
„Тој стоел зад тоа! Шокантно признание на Обама за време на интервју за „60 минути“
„Ова е сјајно: Трамп веднаш спаси 148 милиони долари годишно од буџетот“
Овие наслови последнава недела се појавија на интернет страните кои потекнуваат од Велес. За време на изборната кампања во САД, преку нив се споделуваа некои од најчитаните лажни вести, кои предизвикаа огромни контроверзии на светско ниво. За безмалку сите од нив заедничка беше пропагандната содржина која користеше на тогашниот републикански кандидат, а денеска новиот американски претседател Доналд Трамп.
Адресите на овие сајтови (newsfrompolitics.com, 365USANews.com, allpoliticalnews.com, worldpoliticus.com, usanewspolitics.com, 24newsflash.com…) звучат како да станува збор за веродостојни американски медиуми. Нивниот дизајн е сличен. Преполни се со нападни реклами, а написите се исклучиво на англиски јазик и без автори. Сепак, она што го привлече вниманието на светската јавност беше начинот на кој овие содржини масовно се ширеа преку социјалните мрежи и добива повеќемилионски прегледи.
„Никому не му е целта да работи за Трамп. Тоа се глупости и дезинформации. Дури, претходниве денови ми се јавија од друг медиум да ме прашаат дали сега ќе работиме во Германија – таму, демек, ќе сме ги поддржувале нао-нацистите. Сите информации дека работиме за некои држави или служби се глупости. Главната цел ни е да заработиме“, ни изјави 22-годишниот студент по информатика од Велес, сопственик на еден од овие сајтови, кој се согласи да зборува само во анонимност и доколку не биде директно поврзан со неговиот веб-сајт.
Американска плата
А заработката на овие млади луѓе доаѓа преку интернет рекламирањето. Кога ќе се отвори некоја содржина на нивните сајтови таа прво е преклопена од реклами. Принципот е едноставен: колку повеќе кликови – толку повеќе пари. Нашиот соговорник вели дека цената зависи од квалитетот на сајтот. „Самиот треба да се одлучиш дали ќе работиш со помалку посети и добри реклами или со многу посети, лажни вести и ефтини реклами“, вели тој, иако не сакаше да каже колку точно пари заработува на овој начин.
„Да живееш во Америка би земал американска плата и не верувам дека некој таму би го работел ова, ама за нашиве стандарди платата е добра и може убаво да се живее од неа“, објаснува.
Сајтовите, вели тој, постоеле и пред американските избори, само што тогаш биле фокусирани на теми како здрава храна или автомобили. Кога погодија „златна жица“ со вестите за Трамп, сите сакале да заработат на тоа.
„Сајтовите немаа такво влијание колку што се створи фама. Вниманието беше на нас бидејќи испаднаа многу сајтови на куп. Знаете како е – еден ќе почне нешто и сите го следат“.
Токму тоа, според него, довело до дезинформации за нив. Негира дека овие велешки млади сопственици на сајтови се организирани, како што некои медиуми пренеле. „Се гледаме како конкуренција помеѓу себе“. Дополнително, му пречи што никој не прави разлика помеѓу оние кои работат со лажни вести и оние кои се обидуваат да бидат покоректни. „Глупаво е што сега сите не ставаат во ист кош – некои работат со лажни статии, а некој има голем тим, вложил големи пари во тоа и не мешаат со нив. Се направи фама со информации кои ги кажале некои деца од 16-17 години, кои отвориле сајт, немаат врска од работата и ни наштетија на сите. Само разбрале дека може да се заработи така“, вели тој.
Својот сајт го претставува како конзервативен блог, иако многу лесно може да се помеша со информативен медиум во морето содржини кои се споделуваат онлајн. Неговата работа се состои во тоа да преземе некоја актуелна објава од конзервативните медиуми и блогови, го менува насловот да биде поатрактивен за читање и потоа остава социјалните мрежи да го прават своето. Содржините на сајтовите почнуваат да се појавуваат навечер по македонско време, кога за Американците почнува новиот ден.
„Тоа што се случува денеска, што го има на најголемите медиуми – тоа го има и кај нас. Само земаш ставови од повеќе медиуми и заземаш страна, како и кај нас што се партиски медиумите. Не можеш да работиш на двете страни“, раскажува за тоа како бира што да стави на својот сајт. „Според мене, конзервативците во Америка имаат недостаток на информации и затоа успеаваат тие сајтови. Кај демократите има поголема конкуренција, овде нема конкуренција“, додава тој.
Пад на интересот
Британскиот Гардијан, во август минатата година, успеа да пронајде повеќе од 150 вакви пропагандни веб-сајтови кои потекнуваат од Велес. Многу од нив повеќе не функционираат, но постојано се отвараат нови.
„Има правила и многу од сајтовите се затворени или немаат реклами. Доколку ги следиш правилата на Гугл можеш да продолжиш да работиш, додека оние кои ширеа лажни вести немаат реклами или се затворени. А многу е тешко да се пробиеш со нов сајт“, вели нашиот соговорник.
Доколку се провери преку сервисите кои водат евиденција на интернет адресите, може да се увиди дека скоро сите од сопствениците се поврзани со повеќе веб-сајтови, некои и со повеќе од 100. Според информациите од нашиот соговорник, некои од сајтовите веќе имаат ангажирано работници кои ставаат содржни.
Интересот за нивните содржини драстично опаднал по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. „Сега посетеноста е околу 20% од тоа што беше“, вели младиот Велешанец.
Проверивме дека неговиот сајт остварил околу 800 илјади посети претходниот месец, додека во периодот пред американските избори го читале повеќе од два милиони луѓе. Приближно 95% од сообраќајот неговата интернет страница доаѓа преку Фејсбук, додека рекламите ги постира Гугл.
Пост-вистина
Младите велешани стигнаа до највлијателните светски лидери, најреномираните медиуми, а најгледаните хумористични шоу програми ги посочуваа како главни „кривци“ за успехот на Трамп. Фразата „post-truth“ (пост-вистина) беше прогласен за збор на минатата година од Оксфордскиот речник.
Критиките за масовното ширење на лажни вести ги примораа интернет гигантите на промени. Од најавите на Фејсбук за поголема контрола на содржините и надворешни проверки кои вести на нивната платформа се вистина – а кои лага, до забраните за рекламирање на овие веб-сајтови кои ги најавува Гугл.
„Секогаш било така и понатаму ќе биде. Од една страна компаниите се обидуваат да креираат систем кој ќе носи бенефит за сите, од друга страна има корисници кои се обидуваат да го надмудрат тој систем за своја лична, поголема корист. Тоа се случи и сега, и како претходно компаниите се под притисок, овој пат општествен, да ги надградат своите системи и процедури за да ја елимнираат оваа аномалија. Ова не значи дека тие намерно го направиле ова или дека нема наскоро да се појаву нов „хак“ за кој ќе треба повотрно да се реагира“, вели експертот за онлајн медиуми и социјални мрежи Дарко Булдиоски, основачот на интернет-маркетинг агенцијата NewMediaMK.
Тој објаснува дека несомнено постоела голема публика која имала потреба да ги потврди ставовите и размислувањата за Трамп. Манипулација е претежок збор во контекстот на лажните вести на овие сајтови, смета тој, бидејќи нивната содржина не била толку софистицирано склопена за лесно да изманипулира поголема маса.
„Младите Велешани всушност беа само најромантичниот дел од целата приказна со сајтови кои пред се имаат за цел брза заработка преку интернет реклами. Нивните сајтови немаа никаква политичка или било каква општествена цел, туку само ги следеа трендовите и навиките на читателите во поглед на актуелните теми на кои тие истите се подготвени да кликнат. Влијанието е поголемо откако останатите ја воздигнаа ова приказна на друго ниво. Секако, ни од далеку не може да се спореди нивното влијание со влијанието кое го имаат големите светски познати медиуми“, смета Булдиоски.
Златниот период за младите од Велес помина. Но, ако американската политика излезе од мода, тука се секогаш брзите автомобили и советите за здрава храна…