Сите отровни змии претставуваат сериозна закана за човекот, но обично е потребно многу подолго време отколку што мислиме за отровот да предизвика смрт кај еден возрасен човек. Тоа е така бидејќи отровот функционира на тој начин што ги успорува виталните системи на телото се додека целосно не престанат да функционираат, по што настапува смрт.
Но, сината корална змија (Calliophis bivirgata) е поинаква. Оваа змија со впечатливи бои потекнува од југоисточна Азија и има толку моќен отров што може да предизвика реакција кај сите нерви на жртвата одеднаш, што може да доведе до грчеви на целото тело, парализа и брза ужасна смрт.
Сега, научниците од Австралија целосно го анализираа овој уникатен отров и добрата вест е тоа што мислат дека може да доведе до подобри третмани на болката во иднина.
„Овие змии се убијци на убијците. Тие се специјализирани во ловење на други отровни змии, вклучувајќи ги и младите кралски кобри“, вели Брајан Фрај од Универзитетот во Квинсленд. Токму поради тоа и нивниот отров е толку моќен.
Со својата комбинација на сини ленти и неонска црвена глава, оваа змија е една од највпечатливите видови на змии во светот. Исто така има најголеми жлезди кои лачат отров во светот, кои се протегаат на една четвртина од нејзиното тело.
Сините корални змии обично растат до 1,8 метри во должина и се прилично тенки во текот на целиот нивен живот. Во моментов не постои никаков против-отров, но добрата вест е тоа што најчесто ги избегнуваат луѓето (кога е можно).
По извршената анализа на хемискиот состав на отровот, научниците идентификувале нов вид на отров наречен калиотоксин (calliotoxin) кој функционира на тој начин што ги напаѓа натриумовите канали – патиштата кои ги вклучуваат и исклучуваат нервите.
Овој отров ги вклучува, односно ги активира нервите и ги одржува во истата состојба, при што го „пржи“ нервниот систем и предизвикува парализа на целото тело.
Нарушувањето на натриумовите канали е предмет на интерес на фармацевтските истражувачи веќе подолго време, бидејќи се смета дека е клучно за развој на подобри третмани на болката кај лицата со хронични заболувања.
Сега кога истражувачите знаат дека сините корални змии произведуваат отров кој влијае на овие канали, се надеваат дека токму тој ќе ги доведе до подобар третман на болката.
Лошата вест е тоа што бројот на овие змии во дивината се намалува, како резултат на уништување на нивните природни живеалишта од страна на човекот. Па, да се надеваме дека овие истражувачи ќе направат нешто за да се спасат овие змии, бидејќи се’ уште можеме многу да научиме од нив.
Истражувањето е објавено во „Toxins“.