Дали сме сами во вселената? Ова е главното прашање на д-р Еленор Аровеј, астроном и главен лик од книгата „Контакт“ на Карл Саган, во нејзината епска потрага по вонземски живот. Во 1997 г. направена е филмска адаптација, во кој главниот лик го игра Џоди Фостер.
Ова прашање, исто така, било мотивација за кариерата на д-р Џил Тартер, астроном во реалниот живот, за која се вели дека била инспирирација за ликот на д-р Аровеј.
Тартер се пензионирала во 2012 година, после 35 години поминати во скенирање на небото во потрага по вонземски сигнали и повеќе од една деценија како директор на истражувањата „SETI“ (Search for Extraterrestrial Intelligence) во Маунтин Вју, Калифорнија. Но, таа е се’ уште активно инволвирана во потрагата по вонземски живот и ги охрабрува следните генерации „ловци“ на вонземски живот.
За тоа што таа сега работи и што ја мотивира и понатаму да бара вонземјани, д-р Џил Тартер зборува во интервјуто дадено за „HuffPost Science“.
Зошто сте сигурни дека постои вонземски живот?
Не сум сигурна, ова е прашањето што се обидуваме да го одговориме. Да се запрашаме „дали животот е присутен насекаде или само на едно место“ е исто легитимно како и прашањата „како сѐ започнало“, „како ќе заврши“ или „дали постојат други универзуми“. За време на мојата кариера, откривањето на екстреморфилите и егзопланетите, направија универзумот да изгледа како попријателско место за живот, но тоа не е исто како и практично да се забележи биологија и живот – за кои не знаеме дали постојат надвор од Земјата. До одговор на ова прашање може да се дојде само преку истражувања. Тоа се обидува да го направи „SETI“– а одговорот се’ уште не го знаеме.
Што Ве натерало да се заинтересирате за потрага по вонземски живот?
Извештајот Киклоп од 1971 година – напишан од Барни Оливер и Џон Билингем беше резултат на серија летни истражувања на НАСА Амес и Стенфорд. Читајќи го тој извештај, бев импресионирана од идејата дека после прашања поставувани со столетија на свештениците и филозофите, во што да веруваме во врска со животот надвор од Земјата, во средината на 20-тиот век ни беше претставена алатка, што на научниците и на инженерите ќе им овозможи да прават експерименти во обид да дојдат до одговорот. Телескопите наместо системи на верување, можат да ни покажат за што се работи, наместо други да ни кажуваат во што би требало да веруваме. Сфатив дека се наоѓам на вистинско место, во вистинско време и со вистински квалификации (апсолвент на инженерска физика и доктор по астрономија) за да се приклучам на овие истражувања. Се „навлеков“ на ова и така е сиве овие години.
Главните научници во НАСА предвидуваат дека ќе најдеме вонземски живот во текот на идната деценија. Дали се согласувате?
Елен Стофан, портпарол на НАСА, зборуваше за наоѓање на микроби некаде во Сончевиот систем, надвор од Земјата. И јас би се обложила на тоа, но уште еднаш велам, тоа не исто како и да се знае одговорот (дали сме сами во вселената). НАСА ги исклучи овие истражувања од својата астролошка програма. Ова нема логика, нити научна смисла, но тоа е политичката реалност.
Што мислите, зошто досега не сме нашле вонземјани?
Постојат многу причини:
– Се’ уште ги немаме вистиските алатки и / или можеби се’ уште не ги знаеме вистинските работи, за да ги побараме
– „Надвор од Земјата“ е поголемо од тоа што може еден човек да разбере, а ние се’ уште не сме барале на вистинските места во вистинско време.
– Можеби и сме го направиле тоа, но не сме го препознале
– Една од двете верзии на „Кларковиот трет закон“– секоја доволно напредна технологија нема да се разликува од магија. Или, секоја доволно напредна технологија нема да се разликува од природата (според Карл Шредер)
Што Ве одржува и понатаму, со децении да барате живот, а се’ уште да не го наоѓате. Не е ли тоа разочарувачки?
Само интеракцијата со политичарите и агенциите за финансирање се разочарувачки. Откритијата во областа на егзопланетите и екстремофилите и понатака се возбудливи. Нашата способност да пребаруваме на различни начини продолжува да се подобрува (сега со експоненцијална стапка). Како што поминува времето, важноста на прашањето расте, не се намалува.
Кога би требало да престанеме да бараме?
Само после пребарувања кои биле доволно систематски и сеопфатни, а ниеден резултат не бил значаен – што е многу далеку од тоа каде што сме денес. Практично, кога човештвото во сите негови форми на власт, корпорации или приватни групи, ќе станат индиферентни и ќе престанат да ги финансираат истражувањата.
Треба ли ние да испраќаме сигнали во вселената, за да можат потенцијалните вонземјани да ги откријат?
Во книгата „SETI 2020“, се сугерираше дека ние како млада технологија треба прво да слушаме, а да испраќаме сигнали откако ќе воспоставиме стабилна технологија, способна за преземање на долгорочни проекти како што е трансмисијата. Не сите мои колеги се сложуваат со ова.
Што ќе се случи ако вонземјаните не најдат нас, пред ние да ги најдеме нив?
Тоа што тие ќе заповедаат.
Тоа звучи застрашувачки. Стивен Хокинг предупредува дека вонземјаните можеби би сакале да ја освојат Земјата и да не поробат. Ве загрижува ли тоа?
Не мора да е застрашувачки, само е реално. Ако тие можат да стигнат до тука, значи дека имаат технологија многу понапредна од нашата и реално е да се очекува дека ќе ги постават правилата на играта. А за тоа какви можат да бидат нивните намери, не сум стручна за да кажам (дури ни Стивен Хокинг – и покрај неговата мудрост), бидејќи вонземската психологија е непозната област.
НАСА, како и други организации сакаат да одат на Марс. Би требало ли да се оди и што мислите за поставување на колонии таму?
Проширувањето надвор од Земјата е добра стратегија за да се постигне долговечност. Сепак тоа нема да биде загарантирано, ако ги понесеме и нашите стари навики со нас.
Поминавте децении работејќи на поле на кое доминираат мажите. Како изгледаше тоа? Стана ли науката погостољубива за жените?
Да, науката стана многу погостољубива за жените, но се’ уште претстои дол пат. А како беше се тоа? Па, развив „дебела“ кожа и поле децении поминати како „една од момците“, се разбудив и почнав да ги поддржувам и другите жени што беа околу мене.
Каква е Вашата улога во потрагата по вонземски живот, откако се пензиониравте?
Обидите да најдам пари за продолжување на потрагата колку што ќе биде тоа потребно, не се така успешни како кога бев директор. Не сакам да ја изгубам следната генерација на паметни научници и инженери, кои сакаат да работаат на „SETI“, но не би сакала ни да ја изгубат способноста да ги издржуваат своите семејства.
Како што знаеме, Вашата работа била инспирација за ликот на Ели Аровеј од „Контакт“. Што добивте со филмот?
Филмот „Контакт“ е фантастичен филм. Веќе помина долго време и имам доживеано многу млади мои колеги да ми кажат дека токму овој филм бил нивна инспирација да влезат во науката. Тоа е најдобрата поддршка што можев да ја замислам! Ни треба „Контакт 2“.
Во филмот, Аровеј влегува во капсула и патува во серија црвоточини, без да знае дали ќе успее да се врати назад. Ако ви се даде можност, дали и Вие би се качиле во таква капсула?
Да, во секунда!