Лошата вест е дека кај лицата во доцните 20-ти, мозокот почнува да венее. Неговиот волумен и тежина полека се намалуваат. Тогаш, мозокот почнува да губи некои од своите функционални способности.
Значи, иако луѓето би можеле да живеат подолго, низ годините често се соочуваат со зголемен ризик за ментална болест и невродегенеративни болести. За среќа, еднo ново истражување покажува дека медитацијата може да биде еден од начините за намалување на овие ризици.
Базирано на претходните истражувања кои сугерираат дека луѓето кои медитираат имаат помалку атрофија на белата материја на мозокот, поврзана со возраста, истражувачите од УКЛА откриле дека медитацијата помага за зачувување на сивата маса, ткиво кое содржи многу неврони.
Тимот ја анализирал конкретно врската помеѓу возрастата и сивата материја. Тие споредувале лица на возраст од 50 години кои долго време медитираат и лица кои не медитираат. Кај двете групи била забележана загуба на сива материја. Но, кај лицата кои медитираат, загубата била драстично помала. Всушност, истражувачите биле изненадени од разликата.
Секоја група во истражувањето била составена од 28 мажи и 22 жени на возраст од 24 до 77 години, со просечно време на медитирање од 20 години. Мозокот на учесниците бил скениран со магнетна резонанца со висока резолуција.
„Очекувавме релативно мали и различни ефекти во некои од областите поврзани со медитацијата. Наместо тоа, забележано е широко распространето влијание на медитацијата кое го опфаќа целиот мозок”, истакнуваат авторите.
Со зголемувањето на популацијата на постари лица, се зголемува и инциденцата на когнитивен пад и деменција. Во таа смисла, од суштинско значење е да се пронајдат начини подолгиот животен век да не биде на сметка на намалениот квалитет на живот.
Истражувачите предупредуваат дека тие не може да повлечат директна причинска врска помеѓу медитацијата и зачувувањето на сивата материја во мозокот. Премногу други фактори може да влезат во игра, вклучувајќи го животниот стил, личните карактеристики и генетските мозочни разлики.
Сепак, наодите се ветувачки. Авторите се надеваат дека со понатамошна анализа на медитацијата ќе пронајдат ефективни алатки, не само во рамките на здраво стареење, туку и за патолошкото.
Истражувањето е објавено во тековното издание на „Frontiers in Psychology“.